Адеми, Рајевска и Герасимовски ќе гласаат за нов директор на Академијата за судии и јавни обвиители, но дали нивниот глас има легитимитет?

И покрај конфликтот на интереси и функциите во мирување, Беса Адеми, Фиданка Рајевска и Зоран Герасимовски не се откажуваат од позицијата во Акадмијата за судии и јавни обвинители и можноста да гласаат за нов директор.

За претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми не е конфликт на интереси што таа е член во Управниот одбор, а нејзината снаа за син е ученик на Академијата. Адеми тврдеше дека нема да биде на функцијата кога снаата ќе треба да полага испити и ќе финишира со школување или пак изјави дека ќе го искористи законскиот и правен интитут „изземање“. Адеми дојде на функцијата откако новиот шеф на Организиран, Ислам Абази се повлече од Управниот одбор во Академијата бидејќи неговата сопруга треба да полага завршен испит до крајот на годината и да стане судија или обвинител.

Првично, заедно со Абази за член во Одборот беше избрана и Фиданка Рајевска која е член во Советот на јавни обвинители и функцијата обвинител и е во мирување. Член во управниот одбор на Академијата треба да биде од редот на обвинителите па ако на овој начин се толкува законот Рајевска нема можност да ја добие новата функција.

Поразличен не е ниту случајот со членот на Судскиот Совет, Зоран Герасимовски, кој е и член во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители за што самиот си даде глас. Тој дури беше назначен и за в.д. директор, па повлече неотповиклива оставка бидејќи Антикорупционери го демантираа дека немало судир на интереси и му укажаа дека судија не може да има три функции.

Сите три позиции беа оспорени од правната фела, но на ниту еден не му претставуваше проблем па тие утре ќе гласаат за нов директор на Академијата. Изборот беше закажан за вчера, но поради задоцнетата пошта која требаше да ја донесе кандидатурата на судијата од граѓанскиот суд, Андреј Димовски, беше одложен. Точката е ставена на дневен ред утре, кога најверојатно во Академијата ќе биде пополнета директорската позиција. 

Освен Димовски, кој зад себе има и меѓународно искуство во трката за директоркото столче влегува Наташа Габер Дамјановска, која досега ја водеше Академијата , Емилија Шопар Јованова од скопскиот Граѓански суд и Ненад Савевски од Кривичниот суд во Скопје.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста