Автопатиштата од коридорите 8 и 10д во фокусот на пратеничките прашања

Тендерската постапка за надзор над Коридорите 8 и 10 главна тема на седницата за пратенички прашања. Опозицијата бара одговорност од заменикот на Димитар Ковачевски, за како што тврди, неговата директна вмешаност во сериозниот коруптивен скандал. Првиот вицепремиер прво најави тужба за пратеникот Миле Лефков, а потоа зборуваше за новите ветришта во ВМРО-ДПМНЕ, убеден дека пратениците од опозицијата ќе гласале за уставни измени.

Второто прашање беше директно до Јавниот обвинител затоа што сметам дека многу е сериозна корупцијата во тендерите за надзор за изградба на коридорите 8 и 10Д. Меѓутоа за жал целата македонска јавност виде дека над 22 милиони евра се сериозно, сериозно компромитирани од врските кои што се појавуваат помеѓу премиерот на Владата, господинот Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер Артан Груби – рече пратеникот Миле Лефков.

Се надевам дека со новите ветришта што дуваат во ВМРО-ДПМНЕ ќе успееме да ја заокружиме приказната на европска Северна Македонија, како што тоа го направивме заедно со вас во минатиот мандат. Да не бевте вие, немаше Македонија да биде во НАТО, да не  бевте вие со вашите гласови немаше да имаме уставни измени. И денеска ќе биде истото – утре заедно ќе гласаме со вас. И многу сум радосен за позитивната атмосфера што владее во ВМРО-ДПМНЕ – рече вицепремиерот Артан Груби.

Од корупција пратениците се префрлија на психологија и психијатрија. Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ читаше извештај од психијатриско вештачење според кое министерката за одбрана Славјанка Петровска била под седативи, бидејќи не била психички стабилна.

И се тресат рацете, не може да задржи мисла, има намалено внимание и концентрација, проблеми во мислењето, збунета е и конфузна. Има намалена волја, непријатни мисли и мора да вложува дополнителни напори да ги извршува истите работи што претходно ги извршувала, рече Ковачки.

Тоа вештачење што го откривате се однесува на моето однесување по изнесувањето на вашата лага од пред неколку месеци. Во тоа вештачење пишува и што го предизвикало тоа однесување. За сите ваши лаги ќе се видиме на суд – рече министерката за одбрана Славјанка Петровска.

На седницата за пратенички прашања се зборуваше и за Извештајот на Стејт департментот, за проблемите од областа на економијата, здравството, судството, гарантирањето на човековите права, и реформите кои треба да се спроведат доколку сакаме да продолжиме на патот кон ЕУ.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста