Џокерите кај Атина, обврските кај Скопје – што ќе се случи со Македонски Брод и Македонска Каменица?

Се чека официјалната нота од Грција за Преспанскиот Договор да стапи на сила. Со потврдената ратификација на Спогодбата од Нивици и Протоколот од НАТО, Атина ќе ги заврши своите обврски а Скопје ќе ги започне. По објавата во Службен весник, старото име Република Македонија ќе замине во историјата, а земјата ќе добие ново име Република Северна Македонија.

Преспанскиот Договор носи низа законски обврски. Овие денови ќе се известат ОН и 140 те земји кои не признале со старото име дека земјата се преименувала, а паралелно ќе се започне и со мерките за внатрешна употреба.

Република Северна Македонија ќе добие и превод на албански – Република е Маќедонисе Вериоре. Министерствата и институциите во исто време ќе станат и двојазични, а на македонски и албански ќе бидат испишани и таблите на граничните премини каде има 20 отсто албанско население.

Променетото име – ерга омнес, значи и промена на личните документи, (пасоши, лични карти, патнички исправи), називите на униформите на полицијата и армијата.

Се уште е неизвесно дали ќе има промени и на имињата на Македонски Брод и Македонска Каменица.
Но, имињата на улиците и инфраструктурните објекти дефинитивно се бришат. Главниот плоштад и пешачка улица во метрополата повеќе нема да се викаат Македонија.

И политичките партии ќе треба да претрпат измени бидејќи и тие се делумно финансирани од буџетот.
Регистарските таблички во иднина ќе ја носат кратенката НМ или НМК. Во рок од 5 години ќе треба да се смени и сета останата документација на јавната администрација за надворешна употреба. Промената на документацијата за внатрешна употреба ќе почне со отворањето на секое поглавје на релеватното поле во преговорите со ЕУ.

Скопје и Атина допрва оваа година ќе мора да наоѓаат заеднички решенија за имињата за комерцијална употреба, трговските марки и заштитните знаци на производите. Ќе се спречува и пропаганда од страна на приватни ентитети, кои според Преспанскиот Договор шират иредентизам. Во рок од 6 месеци откако Спогодбата ќе влезе во сила, Македонија ќе треба да ги реши сите споменици, јавни згради и инфраструктурата на нејзината територија кои на било кој начин упатуваат на античката хеленска историја.

Според Договорот се откажуваме од топонимите – грчките географски поими ќе мора да ги нарекуваме онака како што ги нарекуваат во Грција. Солун во иднина за граѓаните на Северна Македонија ќе биде Тесалоники. Во меѓувреме Комисијата на историчари веќе ги чешла учебниците и наставните материјали.

Единствената институција која јавно проговори дека ќе се бори да си го зачува името е МАНУ, но засега немаат никакви изјави за тоа дали останале на истиот став и кои чекори ќе ги преземат.

Во меѓувреме секоја отстапка и прекршување на Договорот од Нивици може да ја чини Република Северна Македонија блокада кон Европската Унија.