Џез со Џон Илија Апелгрен и Гордан Спасовски во Филхармонија

Џез-вокалистот Џон Илија Апелгрен и џез-пијанистот Гордан Спасовски вечер од 20 часот во камерната сала на Македонската филхармонија ќе одржат заеднички концерт насловен „Midnight conversation“.

-В очи новогодишните празници, Апелгрен и Спасовски ќе приредат интимен, тивок перформанс кога ќе прозвучат најубавите композиции од светската џез-литература. Концертот со пијано и глас ќе донесе комплексна, но атрактивна и пријатна музика која ќе направи магија за сетилата и ќе ја разбуди имагинацијата, соопшти Филхармонијата.

Џон Илија Апелгрен се смета за еден од најдобрите џез-вокалисти во регионот, со импресивна кариера на многубројни настапи како солист и со разновидни оркестри и ансамбли, студиски албуми и настапи на фестивали и концерти надвор од земјава.

Гордан Спасовски, пак, е пијанист од помладата генерација џез-музичари во Македонија, кој во водите на џезот влегува под менторство на проф. Илија Пејовски и своето образование го продолжува на џез-одделот на Универзитетот за музика и сценски уметности во Грац, Австрија, каде што и дипломира. Имал голем број настапи на европските џез-фестивали и соработки со значајни џез-имиња.