Џафери: првo референдум па објавување во Службен весник

Прво спроведување на референдум со прашањето „ Дали сте за ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција“, па потоа објавување на Законот за ратификација на Договорот во Службен весник. Собранискиот спикер Талат Џафери вели дека битно било мислењето на граѓаните, па потоа законот да се објави.

Експертите по уставното право велат Собранието прави невиден преседан. Со ваквото однесување владејачкото мнозинство признава дека спроведуваат референдум за непостоечки Договор, кој пак е предмет на изјаснување на граѓаните.

– Го повикувам Уставниот суд како чувар на Уставот по службена должност да излезе со став за ваквите прекршувања. Европските правила се јасни и велат дека секое референдумско прашање мора да биде во согласност со Уставот и со меѓународното право. Само во Македонија на референдум се става Договор што е спротивен на Уставот и на меѓународното право. Во чл.118 од Уставот јасно стои дека само меѓународни договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок. Во случајов власта става на референдум Договор чиј што закон за ратификување не е објавен во Службен весник, што значи истиот е непостоечки во нашиот внатрешен правен поредок. Власта вчера распиша референдум за непостоечки договор заради партиски калкулации, вели професорката Тања Каракамишева.

Власта си ја поднесе иницијативата за референдум, ја изгласа, ама народот останува збунет околу карактерот и содржината на прашањето. Има и такви кои ќе одлучуваат како и мнозинството, иако не знаат за што е претстојниот референдум.

Одлуката за распишаниот референдум на 30-ти септември од утрово е веќе објавена во Службен весник, со што започнуваат да течат и роковите. Следните чекори сега се во рацете на новиот состав на ДИК, кој треба да ја утврди и должината на кампањата која започнува од 10-ти септември.

Ивана Соколовиќ Најдова