Џафери контра Дескоска за законот за СЈО – Собранието не работи под диктат

Законот за јавното обвинителство ги скара спикерот Џафери и министерката за правда. Откако Десковска стави до знаење дека доколку работните групи на власта и опозицијата постигнат договор за судбината на СЈО законот веднаш влегува во собраниска процедура, собранискиот спикер со експресна реакција на социјалните мрежи- Собранието нема да работи под диктат на ниту еден министер.

-Собранието на Република Северна Македонија, работи согласно Деловник а не врз основа на диктат а уште помалку не според одредени индивидуални претензии, било да се тие на некој министер, кој и да е тој, напиша Џафери.

Десковска пак притиска, изгласувањето на законот, тој треба да се најде на собраниска седница што е можно побрзо, оти бил услов за преговори со ЕУ.

Собранискиот спикер вчера на брифинг со новинарите порача дека кога и да биде постигнат договор за законот за јавно обвинителство, тој ќе почека по изборите да биде ставен на дневен ред на пленарна седница. За време на кампањата која почнува од понеделник, нема да закаже седница , бидејќи како што рече Џафери праксата покажала дека собраниската говорница се користела за промоција на политичките чинители.

Од независната група на осумте пратеници брифираат дека допрва ќе граделе став за реформскиот закон. Синоќа имале средба со Заев и Десковска, но оставиле простор до вторник да ги прецизираат детали. Сепак велат дека имале и свои забелешки, но генерално сметаат дека важна е согласноста од сите политички партии.

И премиерот очекува дека во најбрзо време ќе се постигне договор, па најави нова средба и со најголемата опозициска партија за пеглање на деталите.

Ивана Соколовиќ Најдова