Џафери закажа собраниска седница за наредната среда

Закажана собраниска седница за во среда и покрај изјавите на спикер од законодавниот дом Талат Џафери кој непосредно пред почетокот на изборната кампања истакна дека седници до 5ти мај нема да има. Останува отворено прашањето дали закажувањето на седницата за в среда е само протнување на мала врата за евентуално нова седница на која би се изгласал предлог законот за јавно обвинителство и без поддршка на опозицијата доколку се обезбеди двотретинско мнозинство.

Со почеток во 11 часот во Собранието е закажана седница на која ќе се гласаат по втор пат дел од законите коишто претседателот Ѓорги Иванов не ги потпиша, меѓу кои и измените на изборниот законик.

Сепак неизвесно е дали Џафери планира потоа да ги прати во Службен весник со еден потпис бидејќи на последниот брифинг со новинарите најави дека ќе го чекаат потписот на новиот претседател.

Нема одговор зошто ја закажа токму во среда седницата, иако тврдеше дека додека е во тек изборна кампања нема да закажува седници.

Изјавата дека нема да се закажуваат собраниски седници, беше дадена откако Законот за јавното обвинителство ги скара спикерот Џафери и министерката за правда. Десковска стави до знаење дека доколку работните групи на власта и опозицијата постигнат договор за судбината на СЈО законот веднаш влегува во собраниска процедура, собранискиот спикер со експресна реакција на социјалните мрежи- Собранието нема да работи под диктат на ниту еден министер.

-Собранието на Република Северна Македонија, работи согласно Деловник а не врз основа на диктат а уште помалку не според одредени индивидуални претензии, било да се тие на некој министер, кој и да е тој, напиша Џафери.

Собранискиот спикер на последниот брифинг со новинарите порача дека кога и да биде постигнат договор за законот за јавно обвинителство, тој ќе почека по изборите да биде ставен на дневен ред на пленарна седница. За време на кампањата тој потенцираше дека нема да закаже седница , бидејќи како што рече Џафери праксата покажала дека собраниската говорница се користела за промоција на политичките чинители.

Мери Ѓорѓиевска