Џамбаски повторно распали: Македонија била и е бугарска, Македонците се дивјаци кои нема да ги пуштиме во ЕУ

Македонија била и е бугарска, Македонците се дивјаци кои што не заслужуваат место во Европската Унија. Нова серија напади и провокации од Ангел Џамбаски, за кого шефот на државата Стево Пендаровски, побара да му биде забранет влез во Македонија. Тоа очигледно го налути бугарскиот европратеник, кој во одговор до претседателот, вели дека со забрана немало да ја избришеме историската вистина, дека Македонија била бугарска, а Северна Македонија творба на Јосип Броз Тито.

-Историската вистина е таква, Македонија историски е бугарска и Македонија е бугарска, Северна Македонија е друга работа. Да, Македонија е бугарска, не ме интересира што мислат титовистите, Македонија е бугарска, била и ќе биде, историски, политички и секако. Заради тоа ги штитиме Бугарите, го враќаме ветото и не ги пуштаме тие дивјаци во Евроспката Унија. Да живее Бугарија, вели Џамбаски.

Човекот кој се соочува со статус на персона нон грата во Македонија, вели дека власта во оваа држава била геноцидна и антибугарска. Според него местото не ни било во Европската Унија, туку во сојуз со Северна Кореја и други слични држави.

-Власта во таа држава Република Северна Македонија е антибугарска, геноцидна, поддржува и поттикнува етничко насилство е етничко прочистување, нема место во Европската Унија. Местото на таа држава е во некаков сојуз со Северна Кореја и други слични диктаторски држави во кои што се бркаат дел од граѓаните заради нивното национално самоопределување, изјави Џамбаски.

Инаку Пендаровски во седницата на Советот за безбедност, предложи да се забрани влез во Македонија на Џамбаски и уште неколкумина бугарски националисти, кои најавија дека ќе дојдат во Скопје да го одбележат роденденот на Гоце Делчев. Од МНР не одговараат на прашањето дали ќе постапат по овој предлог и дали ќе биде забранет влез во Македонија за лицата кои Пендаровски ги ставил на списокот.

Матеја Петровски

Advertisements