Ќучук со директна порака: Преговорите нема да можат да продолжат, доколку не се случат уставните измени

Патот на Македонија кон Европската Унија ќе биде блокиран ако не го отвори уставот:  Бугарскиот европратеник  Илхан Ќучук  е уверен дека има можност преговорите да продолжат, ама ако ова го исполниме.

– Процесот на преговори меѓу ЕУ и Република Северна Македонија сѐ уште не е започнат, бидејќи се чека да заврши скринингот, кој ќе потрае извесно време. Од бугарското искуство знаеме дека тоа трае од година и половина до две години и мора да се дадат оценките за тој скрининг – вели Ќучук за софиската телевизија „БТВ“.

Бугарија пак не заборава да не потсети дека се зависи од нив. Последна е бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која тврди дека ситуацијата во Македонија е комплицирана и секој што мисли дека работата е завршена е наивен. За разлика од македонските власти и нивните упорни повторувања дека идентитетот е забетониран, Јотова нагласува дека Франција ја разбрала бугарската позиција и затоа со преговарачката рамка е предвидено, вклучувањето на Бугарите во Уставот да се случи пред вистинскиот почеток на преговорите.  

Ова е голем успех за Бугарија. Средбите кои беа на највисоко ниво, бескрајните телефонски разговори со европските лидери ќе беа избегнати ако институциите си ја вршеа работата уште во 2019 година кога тогаш се донесе резолуцијата во Народното собрание. Ќе има неколку инспекции од Европската комисија, неколку извештаи од евалуацијата на советот, каде Бугарија ќе мора секој пат да потсетува на својот став. Но, по сето тоа што се случи во овој многу тежок преговарачки процес со бројни средби, разговори и дијалог, мислам дека Европската комисија и земјите во советот ќе бидат доволно внимателни “, нагласи Јотова.

И додека пораките од Бугарија се постојани и јасни, државниот советник за европски политики во Македонија, Драган Тилев, бара да се одлучува брзо и исправно.  

„Сосема е јасно, од заклучоците на Советот и од изјавите на политичките челници на ЕУ дека преговорите нема да можат да продолжат, доколку не се случат уставните измени. Тоа е голем товар за нашето општество и голем политички предизвик, кој не смее да тлее долго“, вели Тилев за МИА.

Според Тилев доколку билатералното прашање со Бугарија го одложи или целосно го блокира пристапниот процес за наше членство во ЕУ, тоа би било стратешка грешка.

Викторија Миткова