Ќе ја расчисти ли истрагата трагедијата со 25 годишниот Јован кој почина по операција на заб?

Заврши вонредниот инспекциски надзор во штипската Клиничка болница. Од понеделник инспекција од Државниот санитарен инспекторат ќе врши увид во документацијата во сите здравствени институции во кои се лекувал 25годишниот Јован од Берово, информира директорката на инспекторатот Ирина Бухова.

За сега е непознато што констатирале инспекторите. Јавноста ќе биде информирана откако целосно ќе заврши надзорот. Во меѓувреме стручна комисија формирана од министерот за здравство дополнително ќе проверува дали се запазени здравствените протоколи. Паралелно документите ги разгледува и внатрешна Комисија за квалитет при штипската болница.

Штипското Основно јавно обвинителство вчера оформи предмет по допрен глас со цел да се утврдат причините. Истовремено даде наредба да се изврши ексхумација на телото, а експерти од Институтот за судска медицина во Скопје,  да извршат обдукција на телото.

Смртта на 25годишниот Јован која според семејството е предизвикана поради лошо поставен дрен по вадење на заб минатата недела, ја разбранува јавноста. Семејството бара одговори, а велат дека само вистината во овие моменти може да им ја ублажи силната болка. Тие се револтирани бидејќи во официјалното соопштение на болницата никаде не е наведена недела, кога всушност му бил ставен вториот дрен, откако претходниот му паднал.

Младиот Јован почина пред четири дена на Карил каде бил донесен во многу тешка состојба. Претходно бил третиран во штипската болница, кај матичниот стоматолог и во Здравствениот дом во Берово. 

Александра Ристевска