Ќе се распише оглас за приватни автобуси 20-ка и 22-ка, за другите според Арсовска – немало потреба

Паркираните автобуси и блокадите на главниот град веројатно ќе станат секојдневие зашто Град Скопје не отстапува од своите тврди ставови. Иако градоначалничката Данела Арсовска не се појави во јавноста, преку сооштение ги отфтла сите обвинувања кон неа. Згора на се, најави дека утре објавува јавен повик за линиите 20-ка и 22-ка, но ниту „Слобода Превоз“ ниту „Макекспрес“ нема да можат да конкурираат една година по раскинување на договорите.

  • Ги повикуваме сите приватни превозници да аплицираат на објавениот јавен повик, индивидуално или преку претставник на приватни превозници. Тој се однесува на линиите од кој градот Скопје има потреба – тоа се броевите 20 и 22. Единствена разлика е во тоа што ниту „Слобода Превоз“ ниту „Макекспрес“ нема да можат да конкурираат една година од денот на раскинување на договорот, поради прекршување на одредбите од договорот од нивна страна, велат од Град Скопје.

И додека Град Скопје целосно ги игнорира блокадите на приватните превозници, тие со душа чекаат позитивно решение, но бадијала. Автобусите остануваат паркирани на улица се до крајно решение на ситуацијата.

Автобусите остануваат тука се до крајно решение на ситуацијата и протестот ќе има неограничен тек, изјави утрово Кемал Муриќ, претставникот на приватниот превозник „Слобода превоз“ во однос на блокадите на приватниците на три клучни крстосници во Скопје.

Муриќ најави дека превозниците размислуваат на блокадите со нив да ги донесат и нивните семејства.

  • Закани немаме, но егзистенцијалното прашање е главниот мотив, затоа сме тука. Градоначалничката ако има желба може со еден повик да го реши проблемот, потенцира претставникот на „Слобода превоз“, нагласувајќи дека доколку дојде до договор на исплаќање на барем еден паушал, ќе се тргнат блокадите.

Муриќ најави дека превозниците размислуваат на блокадите со нив да ги донесат и нивните семејства.

  • Овие автобуси се сопственот на правни лица кои плаќаат данок, од кој плата зема и градоначалничката, порача Муриќ.

Според превозниците, ваквите протести се поради тоа што не постои друг начин да се сврти вниманието кон нивниот проблем и долгот што го има ЈСП, односно Град Скопје.

Со реакција се јави и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, кој е, и поранешен градоначалник на Скопје. Рече дека протестот треба да биде насочен кон други, а не, граѓаните да ги плаќаат последиците.

  • Не можам да кажам, кои мерки ќе ги преземеме, но, ја следиме  ситуацијата. Граѓаните трпат преголема штета, заради некакво самоволие, кое е присутно на улиците. Превозниците, треба да го насочат протестот, кон тие што го креираат проблемот. Вака, штетата ја плаќаат граѓаните, рече Пенов.

На изјавата на Пенов реагираше и директорот на „Слобода Превоз“ Ленин Јовановски.

  • Ако некој мотивира насилство во демократска држава каде што протестите се уставно загарантирано право, тогаш тоа треба да загрижи многу фактори во и надвор од државата. Протестите се законски најавени и ако мислат дека нешто е погрешно и можат да направат нешто, тоа нека го направат, вели Јовановски.

Приватниците ги блокираа крстосниците кај ТЦ Мавровка, кај зградата на Црвен крст, како и дел од булеварот „Илинденска“ кај Град Скопје, за долг од над 1,5 милиони евра.

Борис Грујоски

Advertisements