Ќе се бира ли претседател на Македонија „во хотел“? – Ахмети најави дека за ДУИ е прифатлива промена во начинот на избор на шеф на државата

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека за нив е прифатливо претседателот на државата да се избира и во Собранието, доколку не биде обезбеден потребниот цензус на претстојните претседателски избори.

-Ние оваа тема ја потегнавме пред 10 години. Тогаш немавме поддршка од нашите меѓународни пријатели, но сега изгледа дека е оправдано да се мисли на такво нешто. Претседателот може да се избира и во Собранието, и мислам дека е тоа оправдано, рече Ахмети во синоќешно тв интервју.

Ахмети кажа дека ДУИ стои зад кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател на државата. Вели дека со тоа се гради нов концепт и прв пат има заедничка кандидатура што има поддршка и од македонските и од албанските политички сили.

Кандидатот поддржан од ДУИ и СДСМ, Стево Пендаровски, беше одбран на собир во еден скопски хотел, откако претходно „се стишаа“ најавите дека СДСМ ќе распише интерен партиски конкурс на кој ќе може да се пријавуваат кандидати за прв човек на државата.

Доколку се реализираат најавите на Ахмети, односно доколку се протолкуваат како најава за планирано сценарио за избор на претседател во Собранието, логично е прашањето: дали фактички претседателот на државата ќе се бира со меѓупартиски договор во некој скопски хотел, а процедурата во Собранието ќе биде само формалност?