Ќе поскапи ли и водата? – комуналните претпријатија бараат помош од Владата, во спротивно ќе ги покачат цените

Нов ценовен шок ги очекува граѓаните, но овој пат на сметките за вода за кои се најавува поскапување. Јавните комунални претпријатија кои со месеци алармираат дека без поддршка од државата нема да можат да го издржат ударот од енормниот скок на цената струјата, предупредуваат дека ќе мора да ги поскапат услугите за граѓаните ако власта и натаму остане глува на нивните апели.

Оваа криза што ја живееме и во која што се наоѓаме или која што не очекува според сите кажувања да ја пребродиме што побрзо и што подобро. Не сакаме да се доведеме во ситуација на уште еден ценовен удар што би значело повисоки сметки за граѓаните на кое што ќе бидеме приморани доколку нема слух за нашите барања. Ние се трудиме како даватели на комунални услуги сите наши ресурси со кои што располагаме во нашите претпријатија да ги ставиме во служба на граѓаните, да не доведеме до зголемување на цените. Ќе се трудиме максимално колку што можеме, вратата ја оставаме отворена за соработка со централната власт на која што очекуваме навистина поддршка, изјави ПЕЦЕ МИЛЕВСКИ – претседател АДКОМ и директор на „Водовод“ Битола

Колкав е ударот за Јавните претпријатија, покажува примерот на скопски Водовод. Со новиот договор за струја, тие од септември ќе плаќаат по половина милион евра месечно по овој основ, или дури пет пати повеќе од досегашната сума.

Најлошото што може да се случи е покачувањето на електричната енергија да падне на грбот на граѓаните. Водовод и канализација Скопје од септември нашите проекции се дека ќе плаќаме месечно сметка за струја повеќе од половина милион евра, тоа зголемување е петкратно, во најдобри услови ова го зборувам. А очекувањата се дека зголемувањата ќе бидат и повеќе, изјави ЗЛАТКО ПЕРИНСКИ – генерален директор на „Водовод“ Скопје

Овие Јавни претпријатија немаат каква било опција да штедат, бидејќи струјата им е критично неопходна за работа на пумпните станици кои работат без прекин за да обезедуваат доволен притисок за сите корисници. Проблемот е актуелен кај повеќе од деведесет даватели на комунални услуги кои се претставени во едно здружение. Тие бараат итни состаноци со Владата и ЗЕЛС ЗА изнаоѓање решение. Ако нема помош освен за вода, ќе поскапат и сметките за ѓубрарина.

Бојана Златкова