Ќе остане ли Груби во вицепремиерската фотелја? Меџити се закани со фракционерско делување ако не биде сменет

Се разгоруваат страстите во Демократската унија за интеграција, јавноста чека одговори, високото раководство молчи – дали Артан Груби ќе биде сменет од функцијата прв вицепремиер? Скопското крило кое изрази големо незадоволство од министрите на ДУИ сега со порадикални закани, доколку Груби не биде сменет од функцијата, дефинитивно ќе делуваат како фракција. Централнто претседателство на партијата во новиот состав, заседаваше до доцна синоќа бидејќи партиските функционери во извршната власт даваа отчет за сработеното. Но причина за маратонскиот состанок беше и реизборот на Артан Груби за шеф на кабинет на Ахмети, што уште повеќе го зголеми незадоволството кај групата на Изет Меџити.

Го прашавме портпаролот на партијата Бујар Османи, како Демократската унија за интеграција ќе делува по барањето на Меџити и останатите незадоволни членови и дали можната смена на Груби од функцијата прв вицепремиер би се нашла на дневен ред на следниот состанок:

Вчера е исцрпена и завршена дебатата за членовите на Влада, на следниот состанок ќе се разговара за работата на дргите избрани и именувани функционери и тематски состанок за образование и здравство – ни одговори Османи.

Поради големиот интерес и на вчерашниот состанок на дел од членството, да се зборува на тема за именувања и разрешувања функционери, на следната седница на 19ти ноември се очекува жестока дебата за овие прашања.

Пред првата конститутивна седница на ДУИ, Изет Меџити, кој е дел од незадоволното скопско крило,кажа дека очекува вистинска дебата и најави дека ќе бараат смена на Артан Груби од извршната власт.

Ќе згреши било кој што мисли дека ќе има само формална дебата. Мислам дека ова е Демократската унија за интеграција каде што секогаш има жестоки дебати во функција да се исправиме самите ние, пред да не поправи народот. Поради неефикасност, нереализирање на програмата, ќе бараме смена на господинот Груби – изјави Меџити.

На централното претседателство беа избрани 16 секретари за ист број на партиски секретаријати а високото раководство состанокот го оцени како конструктивен. Министрите давале отчет за сработеното, се зборувало за актуелната состојба, македонските евроинтеграции, можните измени на Уставот. На дневен ред не биле прашања поврзани со именувања или разрешувања на функционери иако скопското крило изразило големо незадоволство за работата на повеќетоминистри од ДУИ, а најмногу за работата на вицепремиерот Артан Груби.

Адријана Алексиеска

Advertisements