Ќе купи ли Владата евтин гас и мазут од фирмите кои ги предложи Мицкоски?

Кој лаже и дали има фирми од кои можат да се купат поевтини енергенси и да се заштедат 300 милиони евра? Власта и опозицијата се уште се препукуваат, додека граѓаните и бизнисот со нетрпение очекуваат конечно да се набави гас, мазут, јаглен и дизел за да има доволно струја и парно за да се преброди зимава. Откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им ги даде контактите од заинтересираните фирми кои можат да ја снабдат земјава со енергенси, конкретни договори сè уште нема. Премиерот и директорот на ЕСМ вчера на брифинг ги убедуваа новинарите дека компаниите кои ги контактирал Мицкоски биле несериозни. Фирмата за гас „ПГО“ од Швајцарија не доставила формална понуда, по средбата во Белград со дел од економскиот тим на владата, туку само договор за соработка без притоа да ги наведе потребните количини и најважното, цената. Мицкоски пак тврди дека Владата лаже, дека понуда има и тоа меѓу 750 и 1 000 евра за 1 000 нормални кубни метри гас. Тоа е за најмалку два пати поевтино од гасот кој Владата го купи од Макпетрол за потребите на топланите во втората половина од октомври.

„Во Европа, начинот на којшто се тргува со commodities, они тоа го нарекуваат, односно гас, нафта, мазут, струја итн, е предмет на еден договор којшто ние го викаме, којшто сме се занимавале со таа работа, „ефет договор“. И тоа го потпишуваат секаде во Европа компаниите коишто се занимаваат со оваа проблематика. Според тоа што е договорено на таа средба, а постапила позиција (се мисли на Владата), е да уште минатиот викенд, поточно да бидам попрецизен на 8 октомври, тој договор требаше да биде испратен до… или 9 октомври, пардон, да биде испратен до АД ЕСМ, што тоа го направила и позицијата (фирмата предложена од Мицкоски). А од АД ЕСМ требало потпишан, тој рамковен договор, да го вратат на 9 октомври, што не го направиле. Односно на 10 октомври, следниот ден, се извинувам, што беше понеделник. Ајде, имаме разбирање бидејќи 11 октомври беше неработен ден. 12-ти помина, за потоа на 13 октомври им биде пратена писмена комуникација од страна на АД ЕСМ до компанијата, до позицијата, дека е потребно тие да го потпишат тој рамковен договор и да го пратат до АД ЕСМ како би можел Надзорниот одбор на АД ЕСМ да даде зелено светло, да може директорот на компанијата да го потпише. Тоа го направила компанијата според моите информации денеска и истиот тој договор е доставен до АД ЕСМ и го повикувам АД ЕСМ и тој што погрешно брифирал, истиот тој договор, ако навистина има чесни намери, да го потпише, да го врати назад и на граѓаните на Македонија да им заштеди неколку стотици милиони евра” – рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Препукувањата продолжуваат и за набавка на мазут. ЕСМ треба да објави оглас за мазут за периодот од декември до крајот на грејната сезона. Владата за оваа исконтактирана фирма од Мицкоски тврди дека не доставила ниту договор за соработка. Мицкоски тврди дека понуда од компанијата ќе има во текот на денов. Претставниците веќе имале средба во Министерството за економија и планирале да понудат конкурентни цени со кои би се заштедиле над 12 милиони евра за набавка на мазут.

„Претставник на компанијата којашто во овој момент ја снабдува Македонија со мазут ги контактирал луѓето коишто се позиција и од нив побарал понуда за 150 илјади тони мазут. Цената којашто ја добиле, можам – бидејќи добив авторизација – да ја кажам, е на кое било пристаниште во околината, дали е тоа Волос, дали е тоа Солун, Драч или Варна, е цена берзанска минус 40 евра по тон. Што би значело, во моментов, заштеда од најмалку 80-90 евра по тон од таа којашто државата ја плаќа или на 150 илјади тони, тоа е нешто повеќе од 12 милиони евра. Официјалната понуда, колку што јас знам, ќе биде добиена утре. Од тој момент па натаму, останува на бриферот, на оние лажни вести, да одлучи како понатаму. Дали ќе продолжат да крадат или пак ќе заштедат десетици, па би рекол и стотици милиони евра на граѓаните на Македонија” – вели Мицкоски.

ЕСМ купи гас за скопските топлани само за до крајот на октомври. Поради превисоките цени, државните електрани одлучија да набавуваат месец за месец. Сега, надлежните очекуваат две до три понуди во текот на неделава и тоа по пониски цени од цената по која го купија гасот за октомври. Директорот Ковачевски е оптимист дека барем една компанија ќе понуди 6-месечен договор за поевтин гас до крајот на април. Се уште е неизвесно дали комбинираната централа ТЕ-ТО ќе се вклучи во системот на греење. Ако ТЕ-ТО проработи од ноември, плановите се да покрие 60% од топлинската енергија за Скопје и да има колку-толку исплатлива цена на струјата за компаниите.

Тања Попова

Advertisements

Поврзани вести