Ќе има ли одговорност за поплавите на патот Прилеп – Градско или се ќе се заврши во „временска непогода“?

„Инженерите кои го проектираа новиот пат, кривично да одговараат за оваа состојба, ова се случува трет пат за две години“, „Изведувачите треба дебело да платат, каде се надзорот и ревизијата? Инспектор нема ли? Профитери!“, „Каде е Владата, едно не направија како што треба?“, „60 години не е тука излезена реката, ама кога ќе ја затрупаш, таа ќе си поминува преку тунел“, револтирано коментираат граѓаните на социјалните мрежи по вчерашната апокалитична состојба на Експресниот пат Прилеп – Градско, кај новите тунели. Дали санирањето на пустошот кој зад себе го остави огромната количина надојдена вода ќе значи и нови дополнителни пари од џебот на граѓаните за доизградба на овој фамозен пат кој и без тоа се гради веќе една деценија, а притоа никој од надлежните да не понесе никаква одговорност?! Загриженоста и револтот се дотолку поголеми, бидејќи за само 12 месеци откако почнаа поинтензивните градежни работи околу новите тунели, големите поплави стануваат редовна појава при секој посилен дожд, доведувајќи ја во сериозна опасност безбедноста на возачите кои овде секојдневно ги има со над 6.000 возила.

Инаку, точно пред една година, односно лани на 17 јуни, министерот Бочварски лично изврши увид и се пофали со пробивањето на левата тунелска цевка на тунелот во Фаришката клисура во должина од 139 метри, чија вредност е 5,7 милиони евра. „Задоволен сум од изградбата на тунелот и генерално од динамиката со која се гради Експресниот пат. Градежните активности течат онака како што ветивме. Сите проблеми се зад нас и компаниите – изведувачи имаат чист терен за работа“, рече тогаш министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. По пет месеци од овој настан, односно на крајот од ноември минатата година, и премиерот Ковачевски се пофали, овојпат со пробивањето на втората, односно десната тунелска цевка во должина од 159 метри. „Тунелот Фариш е најтешкиот дел од трасата. Тој е составен од две цевки, и тоа лев тунел во правец кон Прилеп и десен, во правец кон Градско. Работите се очекува да завршат следната година. Но, доколку се продолжи со ова темпо, оваа фаза ќе биде завршена и пред рок“, кажа во ноември премиерот Димитар Ковачевски.
Но, според состојбата на терен, особено по вчерашната водена катаклизма, веројатноста дека годинава ќе биде завршен овој Експресен пат е речиси еднаква на нула. Инаку, изведувач на работите е кинеската Компанија „Синохидро“, а надзорот му е доверен на „Геинг ДОО Скопје“, кој е избран на тендер во 2020 год., со вредност на тригодишниот договор од околу 1,4 милиони евра.
Каролина Дурло