Ќе има ли ново пролонгирање на ратите за кредитите?

Се уште не се знае дали повторно ќе има одложување на ратите за кредитите на граѓаните и компаниите. Банките ги прават конечните пресметки и преговори со Народната Банка. Финалната одлука најверојатно ќе се донесе следната недела. Ако отплатата на кредитите повторно се пролонгира, граѓаните ќе здивнат уште одреден период, во спротивно ќе треба да продолжат да плаќаат зголемени рати веќе од први октомври. Од Народната банка велат дека во тек се анализите.

„Постојано го следиме развојот на случувањата и притоа, секако, подготвени сме соодветно да ги приспособуваме политиките и навремено да реагираме во согласност со нашите надлежности. Во тек се анализи, врз основа на кои наскоро ќе се заземе став по однос на ова прашање, водејќи сметка и за потребите на граѓаните и за стабилноста на банкарскиот систем“ – велат од НБМ.

Банките немаат заеднички конечен став околу ова прашање, но велат сакале да им излезат во пресрет на граѓаните.

„Членките ја разгледуваат потребата и можностa за натамошна помош на  населението и стопанството, но во овој момент се уште не е заземен конечен став. Македонската банкарска асоцијација е целосно посветена на изнаоѓање на решенија за надминување на проблемите предизвикани од оваа криза“ – велат од Македонска банкарска асоцијација.

70% од граѓаните веќе се одлучија за опцијата пролонгирање на ратите, но поради најавениот нов бран на заболени од Ковид-19 очекуваат влошување на финансиската состојба.

Кога на стартот на април банките почнаа да ги одложуваат ратите на кредитите за граѓаните за 6 месеци, јавноста се дигна на нозе бидејќи се бараше целосен мораториум на обврските. На населението му пречеше тоа што банките пресметуваа камата за време на 6 – месечниот грејс период. Банките се правдаа дека тоа е редовна пракса, луѓето негодуваа дека од октомври ќе враќаат поголеми рати за кредитите. За кредит од 15 илјади евра со рок на отплата 10 години, ратите од октомври ќе бидат повисоки од 2 до 4 евра месечно.

Тања Попова