НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе има ли казни за скандалот со државната матура?

Кој е одговорен за скандалот со препишувањето на матурскиот испит?! Министерството за образование и Државниот испитен Центар си ја префрлаат топката за лоцирање на одговорноста за пропустот при полагањето на вториот екстерен испит по англиски јазик. Од ресорното Министерство побараа да се најде виновникот за тоа, и најавија промени за следната учебна година.

  • Иако тестот не им бил достапен на учениците пред полагањето, истиот е споделен преку апликација за време на полагањето, сепак тоа е пропуст кој никако не требало да се случи и повлекува одговорност. Од следната година очекуваме полагањето да биде во училишни сали. Така ќе се намалат ризиците од можни нерегуларности“, соопштија од МОН.

На ова експресно реагираа од Државниот испитен Центар. Велат министерот само  бара начин да ја избегне сопственат аодговорност.

  • Изјавата на министерот во врска со причините за неполагање на државната матура во големи простории е лага. Впрочем, за матурата да се спроведува во сали или да се обезбедат блокатори (интернет и телефонските мрежи) во училиштата, вработените на ДИЦ се борат од спроведувањето на првата матура и досега не сме добиле дозвола за тоа. И без штрајк ќе постоеја вибер-групи и немаше испитите да се спроведат во големи простории! Затоа, министре, покажете доблест, но пред сè лична одговорност и не се кријте зад штрајкот,“ велат од ДИЦ.

За сето ова што ни се случува виновен е ситемот, алармираат професорите. Факт е дека државата не води грижа за образованието.

  • Државата е таа која мора да покаже сериозност. Ако не, ќе бидеме сведоци на се повеќе изгубени генерации и упропастени млади луѓе. Ова со препишувањето не води до никаде, мора да се реагира, да им се каже на децата дека ако се фатат со телефон, нема да имаат право да полагаат цела година, вели за Алфа Илија Ацески, универзитетски професор во пензија.

Според професорите, ако сакаш да уништиш нација, почни од образовниот систем.

  • Лоша политика, економија, судство, образование, медиуми, се само дел од сферите во кои неквалитетот води кон поразителни резултати, немање визија, како и напредок на државата. Новите генерации не се способни да работат, зашто немаат ниту знаење, ниту пак вештини, додава Ацески за Алфа.

Пандемија, онлајн наставата, штрајк на наставниците, дојави за бомби, немање учебници – се само дел од проблемите со кои се соочуваат учениците. Лошите политики за образованието ќе доведат до уништени генерации, алармира професорската фела.

Борис Грујоски