Ќе го заобиколи ли Џафери „каубојското“ владеење? Експертите стравуваат од ново отфрлање на Иницијативата за референдум

Со носењето одлуки дали нешто е уставно или не, претседателот на Собранието Талат Џафери прави чиста злоупотреба на својата службена положба и како прв меѓу еднаквите се става над Уставот и над законите. Во пресрет на поднесувањето на иницијативата за референдум на Левица, дел од уставните експерти предупредуваат дека може да се повтори истото сценарио од пред една недела – првиот човек на Парламентот да го отфрли барањето, уште пред да биде ставено пред матичните комисии. Овие стравувања според професорот по уставно право Јове Кекеновски, се оправдани, ако се земе предвид каубојскиот начин на владеење во Собранието.

На спикерот Џафери, до сега не му е несвојствено да се обидува да го прекршува Уставот, да ги прекршува законите и Деловникот, па би ме чудело ако повторно настапи на таков каубојски начин, и повторно да се става во улога на уставен судија и да одлучува нешто за кое што не е надлежен. Тој мора да знае дека ова е сериозно злоупотребување на службената положба и може да одговара – изјави професорот по уставно право, Јове Кекеновски.

Се повеќе уставни експерти посочуваат на надлежностите на собраниските комисии и пленумот, кои треба да го имаат последниот збор дали некоја Иницијатива за Референдум е уредна или не. Еднаш, ова правило беше прегазено од Џафери, кога го одби барањето на ВМРО-ДПМНЕ за Референдум поврзан со Договорот со Бугарија бидејќи иницијативата била неуставна, па ги заобиколи и Деловникот и Уставот.

Според поранешниот претседател на Врховен Суд, Дане Илиев, Џафери сега треба да биде повнимателен и да ја запази процедурата, и наместо да ја цени уставноста на Референдумското прашање, иницијативата да ја достави до комисиите и пленумот. Тој е дециден, правото на референдум, пред се е врв на демократијата.

Оваа иницијатива потекнува од она што го предвидува Уставот. Не гледам причина да се отфрла, самоволно, или некој да си земе за право да отфрла нешто што е засновано на Уставот. Граѓаните ќе имаат можност да си кажат што мислат по прашањето кое ќе биде предмет на одлучување, односно по референдумското прашање – изјави поранешниот претседател на Врховен суд, Дане Илиев.

Владејачката СДСМ, уште од старт сама ги оцени новото референдумско прашање и иницијатиава како неуставни, порачувајќи дека немало да дозволат успех на евентуалниот референдум.  

Лидерот на Левица, Апасиев, пак, е уверен дека, е невозможно иницијативата формално-правно да биде одбиена. ВМРО-ДПМНЕ претходно најави поддршка за можна нова иницијатива за референдум, но и му забележа на Џафери дека ќе одговара за сите негови постапки кога неговата партија ќе биде во опозиција.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста