Њујоршкиот обвинител истражува поврзаност меѓу Дојче банк, Инвесторс банк и Организацијата Трамп

Главниот обвинител на Њујорк ги испитува врските помеѓу Дојче банк, Инвесторс банк и неколку проекти на Организацијата Трамп, објави „Њујорк тајмс“.

Канцеларијата на главниот обвинител на Њујорк синоќа испратила судски повик до банките, создавајќи нова линија на истрага за односите меѓу Дојче банк и Трамп, објави весникот. Комисијата за разузнавање и Комисијата за финансии во Конгресот, каде мнозинство имаат демократите, ги испитуваат финансиите на претседателот Доналд Трамп и неговите компании, вклучувајќи ги и неговите врски со Дојче банк, една од најголемите светски финансиски институции.

Дојче банк на организацијата Трамп одобрила кредити во вредност од стотици милиони долари за зделки со недвижен имот и е една од ретките финансиски институции која одобрила заем на Трамп по серијата банкротства во бизнисот со хотели и казина во 1990-тите.

Според „Њујорк тајмс“, новата истрага за Дојче банк е мотивирана од сведочењето на поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен во Конгресот. Тој рече дека Трамп фиктивно го зголемил својот имот во финансиски извештаи. Поранешниот адвокат претстави копии од документите, кои според него, биле доставени до Дојче банк.

Инвесторс Банк, пак, доби покана за на суд поради документите поврзани со проектот Трамп Парк Авенија, кој го спонзорирала таа институција.