});

„Љубовникот“ и “Блејд ранер 2049” го отвораат 39. “Браќа Манаки”

Краткометражниот игран филм „Љубовникот“, снимен во манирот на старите неми филмови во режија на Игор Иванов-Изи и филмот на Дени Вилнев “Блејд ранер 2049” на кој работел кинематограферот и оскаровец Роџер Дикинс, годинешен лауреат на “Златна камера 300” за животно дело, на 22 септември во Битола ќе го отворат 39. Интернационален фестивал на филмска камера “Браќа Манаки”.

Во чест, пак, на големата италијанска актерка Клаудија Кардинале, годинешна добитничка на Специјалната награда “Златна камера 300” за особено придонес во светската кинематографија која доаѓа во Битола, на вториот фестивалски ден ќе се прикаже нејзиниот најнов филм “Благородни лаги” во продукција на Паоло Роси.

“На ова издание во 14 фестивалски програми ќе прикажеме околу 95 играни и документарни филмски продукции, а покрај главната програма “Камера 300” и компетицијата за краток филм, тука се и програмите Европски перспективи, документарната и Мак поинт програма, новововедената “Полноќен јавач…“, рече на денешната прес-конференција Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот која го најави и документарниот филм за неодамна починатиот кинематографер Роби Милер, кој беше награден за животно дело пред две години на “Браќа Манаки”.

Според Благоја Куновски- Доре, селектор на главната програма, и годинава за наградите Златна, Сребрена и Бронзена камера 300, петчленото меѓународно жири ќе избира меѓу 12 квалитетни филмови, неизбежно селектирани од Кан, Берлин, минатогодишната Венеција и Карлови Вари кои доаѓаат од европски земји, но ќе има и три претставника од Кина, Јужна Кореја и САД.

Притоа во главната натпреварувачка програма “Камера 300” ќе можат да се видат: “Фокстрот” на кинематограферот Ѓора Бејач, во режија на Самуел Маоз; полскиот “Студена војна# на кинематограферот Лукаш Жал, во режија на Павел Павликовски; “Транзит” на кинематограферот Ханс Фром, во режија на Кристијан Пецолд; “Пепелта е најчисто бело” на кинематограферот Ерик Готје, во режија на Жиа Жан-ке; рускиот “Лето# на кинематограферот Владислав Опелијанц, на Кирил Серебреников; “Нико” на кинематограферката Кристел Фурние во режија на Сузана Никјарели; јужнокорејскиот “Горење” на кинематограферот Кионг-пуо Хонг, во режија Чанг-донг Ли, бугарскиот “Ага” на кинематограферот Калојан Божилов, во режија на Милко Лазаров, белгискиот “Девојка” на кинематограферот Франк ван ден Еден, во режија на Лукас Донт, чешкиот “Зимски муви” на кинематограферот Лукас Милота, во режија на Олмо Омерзу и шведскиот “Неподвижен имот” на кинематограферот и режисер Манс Мансон.

Фестивалот, на 29 септември, ќе го затвори филмот на Спајк Ли “Црн Кјуклуксклановец” на кинематограферот Чејс Ирвин, кој исто ќе биде дел од главната фестивалска програма, а претходно ќе биде прикажан краткиот “Скаут” на Алекс Цветков, режисер со македонско потекло кој живее во САД. Во краткометражната програма, пак, ќе се прикажат 9 филма, во Мак-поинт 20 македонски продукции, а во документарната 8 документарци.

Македонската актерка Милица Стојанова е добитничка на наградата “Голема ѕвезда” на Друштвото на филмски работници на Македонија. “Оваа година решивме да направиме исклучок и наградата ја доделивме на една легендарна македонска актерка, која се појавува во филмовите и на Кирил Ценевски, Милчо Манчевски и Столе Попов”, рече Игор Иванов-Изи, претседател на ДФРМ, посочувајќи дека Стојанова(86) која се уште работи има реализирано иако не главни, но исклучителни и забележливи улоги во значајни македонски филмови како “Исправи се, Делфина”, “Среќна нова 49”, “Тетовирање”, “Пред дождот”, “Прашина”, како и во поновите “Види ја ти неа” и “Три дена во септември”, а има остварено и бројни театарски и ТВ улоги. Стојанова ќе ја прими наградата на 22 септември во Битола.