„Љубави“, „Елај си при нас бре“ „северно македонски претседател“ – контроверзни и несериозни изјави на средбите на балканските лидери

Неформални поздрави на граница на невкус, двосмислени фрази но и изјави со цинична политичка конотација. Балканските лидери на самитот во Сараево разговараа за сериозни теми, но неформалните билатерални и трилатерални разговори ги зачинија со необични перформанси. Претседателот Стево Пендаровски пред заедничката прес конференција, му пренесе на бугарскиот премиер Бојко Борисов поздрави од Зоран Заев, при што не толку дипломатски му се обрати со зборот „Љубави“.
„Љубави, како си ми, те поздрави Зоки“ – рече претседателот Пендаровски.
Многу добро, седи тука со нас, бре – му одговори Борисов.

Иако овој разговор делува како пријателско потсмевање, Борисов претходно испровоцира скандал со контроверзната изјава дека Пендаровски е северномакедонски претседател. Всушност рече „македонски претседател“ а потоа се премисли и ја употреби неправилната формулација.

„Македонскиот…северномакедонскиот претседател Пендаровски. Тој беше првиот македонски…северномакедонски политичар кој ги кажа работите на правилен начин, дека Гоце Делчев е Бугарин кој отишол да се бори за слободата и автономијата на Македонија“ – изјави Бојко Борисов.

На ова реагираше премиерот Заев која најави дека ќе испрати нота во Бугарија за повеќе да не се повторуваат вакви грешки, но сепак со оградување дека и кај нас, во земјава, се прават такви грешки, па дури и од страна на стручни лица, па затоа верува дека и Борисов ненамерно направил грешка, иако е очигледно дека бугарскиот премиер, два пати вели македонски а потоа го преименува Пендаровски во северномакедонски претседател.

Инаку Самитот во Сараево беше проследен и со други контроверзи. Борисов бараше извинување од српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, затоа што го повикал бугарскиот амбасадор да му каже дека однесувањето на Борисов е неприфатливо. Јавните препирки речиси предизвикаа заладување на односите меѓу Србија и Бугарија, а потоа во обид да ја смири топката Борисов се пошегува со српската премиерка Брнабиќ дека не сака да се караат, но со оглед дека зборот карање на српски има сосема поинаква конотација, Брнабиќ се најде во небрано.

-Се карам ли јас со Србите? Се карам ли јас со вас? – прашува Борисов пред камерите, на што збунетата српска премиерка одговара со „не“, а потоа ги прашува новинарите каква изјава дал Борисов додека таа била отсутна.

Сето ова се случува во сенка на аферата со двајцата руски комедијанти кои успеале дури во три наврати да разговараат со премиерот Заев и да извлечат од него разни информации претставувајќи се како украинскиот претседател Порошенко и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Драган Милосављевиќ