Јункер: Мерките на ЕУ за увоз на челик нема да ја погодат Србија

ретседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер го информираше денеска со писмо српскиот претседател Александар Вучиќ дека предложените заштитни мерки на ЕУ за увоз на челик нема да имаат значително влијание врз Србија.

-Нашата проценка е дека во рамките на предложените заштитни мерки за увоз на челик, вообичаените трговски текови на Србија за трите категории производи нема да бидат воопшто или барем значително погодени, порача Јункер во одговор на писмото на Вучиќ од 10-ти јуни, во кое се наведуваат можните последиците од мерките на ЕУ по Србија.

Во соопштението до медиумите од кабинетот на српскиот претседтел, кое го објави писмото на Јункер,се наведува дека на негово барање изминатите месеци членовите на ЕК одржале повеќе состаноци со премиерката Ана Брнабиќ.

-Овие состаноци беа одржани за да се разбере вашата загриженост, со цел да се најдат одржливи решенија и да се одговори на нив. Исто така, имав можност неодамна да разговарам за тоа со премиерката, пишува Јункер во одговорот до Вучиќ.

-Во секој случај, клаузулата за ревизија што ја воведовме недвосмислено ја вклучува можноста за прилагодување на заштитните мерки ако тие доведат до негативни ефекти, како што е ризикот по стабилноста или развојот на економијата на приоритетните трговски партнери”, наведе Јункер.

Тој потврди дека Комисијата се обврзала да ја разгледа ситуацијата со увозот на челик најдоцна до јули 2019 година.

-За време на овој преглед ќе бидат разгледани најновите податоци за увозот (вклучувајќи го и нивото на увозот за 2018 година), што може да создаде можност за промена во референтниот период, истакна Јункер, порачувајќи му на српскиот претседател дека Комисијата внимателно ќе го следи развојот на ситуацијата во рамките на воспоставените заштитни мерки и ќе преземе соодветни чекори за приспособување на нивните мерки, доколку е потребно.