Југохром ќе проработи напролет – после една година исто ветување на Владата

“Југохром” ќе ги вклучи печките напролет и ќе се вратат на работа околу 500 работници-ова го најави Владата минатиот октомври. Една година подоцна со исти ветувања. Вицепремиерот Кочо Анѓушев, заедно со раководството на фабриката денеска уверуваа дека комбинатот со сигурност ќе проработел, откако Владата преку Македонската банка за поддршка и развој, обезбеди кредит од 1,5 милиони евра.

До мај се очекува да бидат готови филтрити за печките 7 и 8,односно да биде завршен дел од системот за отпрашување и да се работи за почеток, со капацитет од 55 %. Директорот на комбинатот појаснува дека 12 милиони евра, се потребни за целиот филтер систем, а овие пари биле за да ги завршат филтрите само за двете најголеми печки, што чинело околу 4 милиони евра.

За најавите околу рестартирањето на Југохром реагираше и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој вели дека Владата повторно ги лаже работниците, со истото ветување од минатата година. Година ипол се на власт и не успеваат да го реализираат едно од своите први ветувања, а не успеваат затоа што и во еден Југохром се кријат лични бизнис интереси на поединци од власта и политичко пазарење за сметка на маката на напатените работници, пишува на својот фејсбук Мицкоски.

Реакции постојано стигнуваат и од еколошките здруженија,кои бараат целиот процес во фази да биде надгледуван од независни експерти. Владата, велат, не треба да биде вознемирена од надзорот на независните експерти доколку системот за филтрирање, за кој тие тврдат дека ќе го инсталираат, ќе ги задоволи бараните стандарди.

Милена Вуческа