ЈО се уште ги пишува обвиненијата за пожарот во модуларната болница во Тетово

Иако пред две недели од државното Обвинителство за медиумите информираа дека е одредена кривичната одговорност за трагедијата во модуларната болница во Тетово, се уште ја нема одлуката од кого ќе биде побарана одговорноста за изгубените 14 човечки животи во пожарот.  Обвинителството официјално потврди само дека ќе има кривична одговорност, додека неофицијално се дознава дека за тоа ќе има пријави за 3 луѓе и еден правен субјект.

Јавнообвинителската одлука се изготвува и штом ќе биде донесена јавноста веднаш ќе биде известена за сите детали во поглед на лоцираната кривична одговорност, се вели во денешниот одговор на Јавното Обвинителство.

Граѓаните велат дека потребно да има повеќе информации за случајот  поради тоа што 14 луѓе го загубија животот.  Според нив крајно време е институциите да побараат одговорност за трагедијата.

АНКЕТА:

Очекувам да се најде одговор нормално, како секој граѓанин. А сега од што тоа зависи точно, кој е надлежен,тоа се знае институциите, ние како граѓани, секако дека би сакале да се знае одговорот.  Пошто тоа беше трагедија. Човечки животи. Мора да се најде виновникот.
Ние си ја гледаме нашата работа, не знаеме околу тоа. Тие што работат на тоа тие знаат. Секако дека треба да има одговорност. За тоа е причина-људскиот фактор. Јас барем мислам така. И тоа многи се одолговлекува. Јас живеам тука близу. И децата и сите, трауматизирани, кога го гледаат секој ден тоа, ја враќа сликата , директно бев тука јас очевидец, велат граѓаните.

Во осумте месеци додека трае истрагата се направија четири вештачења за да се лоцираат причините и одговорноста поради кои настана пожарот. Стручни анализи беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, од стручно лице – електроинжинер како и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред. Тогашните двајца директори на тетовската болница поднесоа оставка, но останаа на функциите се до преструктуирањето во Владата.

Јавноста побара оставки од министерот Венко Филипче и Владата, но тоа не се случи . Преку марш граѓаните на Тетово лани во септември побараа одговорност поради настраданите.

Александар Самарџиев

Advertisements