ЈО покрена постапка за телефонските притисоци за гласање што ги обелодени ВМРО ДПМНЕ

Основното јавно обвинителство ќе постапува по кривичните пријави поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за повреда на слободата на определување на избирачите и лажно претставување , односно за испратените смс пораки и телефонски разговори во кои се потсетуваат граѓаните да излезат на референдуското изјаснување.

Кривичните пријави се итно доставени до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје и по нив веќе се постапува. Надлежен јавен обвинител издаде Наредба до Секторот за внатрешни работи Скопје за утврдување на гласачите до кои е испратена СМС пораката. До телефонските оператори е издадена наредба за доставување на податоци во врска со носителите на телефонските броеви во моментот на испраќањето на СМС пораките, соопштуваат од Обвинителството.

Од обвинителството велат дека за ваквите дела казните се најмалку три години затвор за повреда на слободата на определување и една година затвор или парична казна за лажно претставување.

Вчера опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека од непознати телефонски броеви се пуштале СМС пораки до членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ да излезат на гласање на референдумот, а истото се правело од име на ВМРО-ДПМНЕ.

Во текот на вчерашниот ден беа забележани низа на нерегуларности и прекршување на избирачките права од кој најголем дел беа со фотографирање на гласачки ливчиња и фотографирање на избирачките места, како и вербални закани и расправии.

Тешки инциденти немаше, иако имаше неколку приведени лица.  Дел од инцедентите кои го обележаа денот на референдумското изјаснување се организираното носење на гласачи во комбиња до избирачките места во Прилеп, во ромската населба Тризла, во Шуто Оризари пак камерата на Алфа беше сведок како граѓани отворено се обидуваат да влијаат на процесот на гласање и тоа јавно го признаваат. Покрај плакати и пропаганден материјал, на само неколку метри од гласачкото место имаше и  штанд на кој се водеа списоци на лица кои излегле на гласање.

Низа неправилности и нерегуларности имаше и низ скопските општини. Чаир, Сарај, Аеродром, Грчец…Имаше и приведени, а дури беше и отстранет потпретседател на избирачкиот одбор во основното училиште Иднина. МВР и обвинителството регистрирале низа помали инциденти.

Мери Ѓорѓиевска