Јотова во нова мисија за асимилација на Македонците во Албанија – во Елбасан ќе отвори училиште на бугарски јазик

Во најмакедонските села Голо Брдо и Големо Острени во соседна Албанија пристигна потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова за да отвори бугарско училиште и да се запознае со потготовките на пописот што ќе ги спроведе албанската влада.  

Официјалната посета на бугарската потпретседателка ќе трае до 16 септември каде ќе промовира книга и ќе се запознае со начинот на спроведувањето на пописот бидејќи е од особено значење за бугарското малцинство кое е признаено од 2017, вака информира прес службата на Јотова.

Посетата на Јотова кај Македонците во Албанија предизвика бурни реакции кај домашната јавност. Во регионот каде таа отвара бугарско училиште живеат Македонци, а Јотова бара Бугари онаму каде што нема, реагира потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски.

Кога Македонија не работи, ќе работи асимилаторската политика на Бугарија! Наместо да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур со кои се бара признавање на Македонците во Бугарија и нивното право на здружување и мајчин македонски јазик, Бугарија бара непостоечки Бугари во Албанија, купувајќи ги душите на луѓето кои се напатени и измачени и живеат во тешка сиромаштија во Албанија, нудејќи им бугарски пасоши со кои можат да одат во побогатите земји на ЕУ по парче леб. Таа е вистината!

Бугари во Албанија нема, има Македонци кои матичната држава Македонија не ги штити и ги остава сами на себе.

За брзо време ненародната власт на СДСМ и ДУИ во Македонија ќе падне и Македонците и во Албанија и во цел свет ќе бидат со гордо крената глава!, пишува потпретседателит на ВМРО ДПМНЕ, Николоски на својот Фејсбук профил.

Премиерот Димитар Ковачевски во посетата на Јотова не препознава асимилаторска политика туку вели дека има гаранција од Владата на Албанија дека пописот ќе биде спроведен согласно сите светски стандарди, а неговата Влада ќе продолжи да им помага на Македонците во Албанија.

За бугарско македонскиот спор во Албанија неодамна објавија албанските телевизии Еуроњуз и Топ ченел, во кој се констатира дека спорот меѓу Македонија и Бугарија околу идентитетските прашања се пренесува и во Албанија. Битката на Бугарија е за етничката припадност на малцинството што живее во областите Голо Брдо и Големо Острено да се попише како бугарска. Бугарија освен тоа што  не ги спроведува пресудите од Судот во Стразбур за македонското малцинство и го негира македонското прашање, сега е во асимилаторски поход на се што е македонско во соседна Албанија.

Паула Костадиноска

Advertisements