Јовановиќ: Инфлацијата ќе достигне 15%, владата не се грижи за сиромашните граѓани
Инфлацијата допрва ќе земе замав, откако Владата реши да не ги продолжи антикризните мерки. Експертите алармираат дека поради драстичниот скок на цените, инфлацијата во јуни ќе достигне 13%, а до крајот на годината може да се искачи и до 15%. Поранешниот советник во министерството за финансии Бранимир Јовановиќ вели дека дури и Владата да се предомисли и креира нов сет мерки или ги продолжи старите, додадека тие да го поминат собранискиот филтер, ќе помине премногу време. Штетите биле веќе направени, а просторот за маневар е сè помал.
„Ако решат да ги намалат даноците и акцизите, а тоа е само некое привремено намалување на цените кое повторно ќе се зголеми за некое време, што впрочем се случи и сега кога ги воведоа овие мерки. Видовме дека иако постоеја овие мерки, цените продолжија да растат. Инфлацијата е веќе излезена надвор од контрола. Прашањето е само колку ќе достигне. Некоја моја проценка е дека до крајот на годината ќе достигне некоја просечна стапка од 12 до 15%“ – вели Јовановиќ.
Владата покажала незаинтересираност да се справи со инфлацијата – смета Јовановиќ. Вели дека или не знае што да прави или пак не и е гајле за граѓаните кои осиромашуваат. Оправдувањето дека нема пари во буџетот, за него, е измислица. Ниту капиталните проекти ќе се завршеле, ниту пак, доволно се скратило, па финансии во прекроената државна каса и тоа како можеле да се најдат. Одбивањето на една социјалдемократска влада да ги продолжи мерките за поддршка на животниот стандард, според Јовановиќ е катастрофален потег од кој политички СДСМ многу ќе изгуби.
„Не им е гајле за сиромашните, но Владаат покажува и основно економско незнаење затоа што со ова што го направи сега само дополнително ќе ја убие економијата. Ќе ја дозакопа, затоа што луѓето се помалку ќе купуваат. Владата сама си ја сече гранката кадешто седи, си прави уште поголема штета, го иритира населението, го повикува да излезе на протести“ – вели Јовановиќ.
Државите членки на Европската Унија интензивно креираат мерки за помош на граѓаните и стопанството. На разни начини преку ограничување на маржите и заработките на трговците ги одржуваат цените на колку толку прифатливо ниво и покрај енормниот раст. Земјите од соседството, пак, воведоа уште подрасстични мерки за замрзнување на цените на храната и горивата. И покрај напорите Еврозоната забележа рекордна инфлација во последните 25 години од 8,1% во мај, но сепак пониска од онаа во Македонија од 10,5%, највисока во последниве 28 години. Кај нашиот најголем трговски партнер Германија, растот на трошоците за живот достигна историски највисоко ниво од 8,7%. Не само Владите, туку и ЕЦБ најави подигање на каматните стапки во борба против инфлацијата.
Тања Попова