Јовановиќ: Економијата стагнира, Владата потфрли со мерките

Завршено е времето на солиден економски раст и ниска инфлација. Намалените проекции на Народната банка  за економски раст од 2,9%  и инфлација од 8,8% се според очекувањата – посочува Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт и поранешен советник во министерството за финансии. Дали македонската економија ја чека стагфлација е се уште рано да се каже, но многу веројатно – вели Јовановиќ. Според него, песимистичкото сценарио на Народната банка за раст од 1,9% и инфлација од речиси 10% е поверојатно.

„Во нашето песимистичко сценарио, е предвидено ако продолжи војната во Украина, тоа се чини поверојатно, очекуваната се дека оваа година во Македонија ќе има пад на БДП од 0,5%. Инфлацијата ќе биде веројатно околу 12%. Тешко е да се каже во овој момент кое од двете сценарија е поверојатно, но дефинитивно оваа година ќе има забавен економски раст и повисока инфлација“ – вели Јовановиќ.

За Јовановиќ, Владата целосно потфрлила, а мерките за помош на граѓаните не вродиле со плод, односно не само што не ја намалиле инфлацијата, туку и ја зголемиле. Морало да има нови мерки за замрзнување на цените на храната и горивата за да се ублажи ценовниот шок за населението  и стопанството по пример на другите држави од регионот.

„Владата дефинитивно згреши, потфрли во овие два месециа и она што под итно треба да го направи е да го врати замрзнувањето на цените на основните прехранбени производи и паралелно со тоа да ги замрзне цените на нафтените деривати. На пример, Србија се уште има контрола врз цените на храната, ги замрзнаа до некаде цените на горивата и Србија има пониска инфлација од македонската“ – вели Јовановиќ.

Владата , според Јовановиќ доцни  и со задолжувањето на меѓународниот пазар за неколку месеци. Вели каматните стапки сега се многу повисоки од пред два месеци, па просторот за маневар е значително стеснет. Од Владата веќе информираа дека дупката во државната каса ќе се зголеми за околу 200 милиони евра, а дефицитот ќе се финансира со задолжување преку кредитна линија од ММФ и издавање еврообврзница.

Тања Попова