Јовановиќ:Намалените даноци ќе ја зголемат дупката во буџетот

Пониските даноци ќе ја продлабочат дупката во државната каса и ќе го зголемат задолжувањето. Кратењето кај некои даноци ќе значи помали приходи во буџетот, поголем дефицит и раст на јавниот долг – дециден е поранешниот советник во министерството за финансии Бранимир Јовановиќ. Според него, негативни ефекти ќе имаат најавите во владината програма за укинување на персоналниот данок за ИТ индустријата до 2023-та, за укинување на ДДВ за машини и суровини, помал ДДВ за угостителски услуги, земјоделски производи, занаетчиски услуги, намалување на данокот на личен доход за игрите на среќа и слично. За земјата да не продолжи да се задолжува, според Јовановиќ неопходно е да се зголемат одредени даноци како на пример персоналецот и данокот на имот веќе од следната година, но не за сите, туку само за побогатите граѓани и фирми.

Според Јовановиќ, итно треба да се спроведе мораториум на ратите на кредитите за населението, за банките да не им пресметуваат камати за време на грејс периодот и за граѓаните потоа да не плаќаат повисоки рати. Тој смета дека мерките досега биле исти како оние во другите држави, но лошо осмислени и спроведени, што доведе до бројни злоупотреби на помошта. Тој вели дека 4-тиот антикризен пакет мерки треба да биде насочен и кон граѓаните и кон фирмите, но дека неопходно е да се елиминираат слабостите од претходно.

Мандатарот Заев најави дека првите чекори на новата Влада ќе бидат антикризните мерки, односно платежните картички за помош на граѓаните. 4-тиот пакет мерки ќе се донел набрзо во соработка со бизнисот и синдикатите. Меѓу мерките во економската програма стои и дека ќе се основа фирма за едно евро, без плаќање фирмарина две години, раст на минималецот до 40% и зголемување на просечната плата за една третина. Вчера пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието реагираше бидејќи немало доволно време да се подготват за дискусија околу економската програма.

Тања Попова

Поврзани вести