Ја спасувала братучетката од давење, но таа се удавила

Вчерашната трагедија кога се удави со неполни четиринаесет години Џесика Мемишовска, силно ја потресе битолската јавност, но пред с`е, нејзините најблиски, роднините и соседите од ромската населба Картон маало, непосредно до магистралниот пат Прилеп- Битола- Ресен.

Денеска се фрли малку повеќе светлина, како се случил трагичниот настан во базенот кај Довлеџик.

Топлото време, вчера претпладне измамило дваесеттина деца од оваа населба во која се живее со смет, нечистотија и сиромаштија, да дојдат и да се бањаат. Во критичниот момент, Џесика која по малку знаела да плива, ја охрабрила својата братучетка, дванаесетгодишната Елизабета да скокне и таа во базенот, која веднаш почнала да се дави. Џесика, со една жена што се нашла таму, девојчето го спасиле, но таа потонала на дното од базенот и таму остнала скоро еден час.

„Кога рипнала Џесика внатре во вода, потоа чупето мое рипна и почна внатре да се дави и да тони. Џесика отиде да ја спаси братучеда му, арно ама во кревањето таа пропадна, а чупето мое го извадија со една жена. Кога го извадија, чупето почна да вика – брачеда ми е долу. После еден саат, самата вода ја извади горе, а водата матна и гнасна, ништо не се гледа“- рече Нехру Камбер, роднина на почината и татко на спасеното девојче.

Роднините кои чекаа да го земат девојчето од болничката капела, гневни се што концесионерот кој стопанисува со рекреативниот комплекс во Довлеџик, иако базенот не планираат да работи, зошто го чуваат полн со вода и зошто немаат поставено чувари.
„Најсаканото ни беше во улицата, беше многу интелигентна, чупето беше паметно и мирно. Бевме многу изненадени и добивме голем стерес од ова што се случи- рече нејзината комшивка Сабире Рустемовска.- Бидејќи горе немаме вода, за да се ладат децата, отишле таму а тоа место не е добро и не е обезбедено, а како прво“, нема обезбедување- рече Феим Мемишовски.

„Ако некој ги спречел, тие немало да влезат внатре. Ако тој базен не работи, не би требало да има вода внатре“- рече Камбер максимир.

Денеска реагираа и од партијата Демократски сили на Ромите и бараат надлежните брзо и ефикасно да ја завршат истрагата, без да се прикрива нечија одговорност, особено на концесионерот кој соодветно не го заштитил објектот.

„Очекуваме надлежните органи овој случај да го расветлат јасно и што побрзо, а очекуваме одговорните да преземат одговорност превентивно, зашто има и други дечиња кои идат и може да дојде до несакани случувања“, рече Енис Џеловски од Демократски сили на Ромите.

Починатото девојче, денеска беше предадено на семејството и погребано во муслиманските гробишта, а концесионерот освен изјавите пред надлежните институции, не сакаше да го коментира настанот.



Петар Стефановски