Јанев: Националниот идентитет не може да се оспорува во ОН

Националниот идентитет не може да се оспорува кога некоја земја станува членка на Обединетите нации. Светските амбасадори во 93’ во ОН сфатија дека во случајот со Македонија не се работи за разлика околу името, туку за национален идентитет, вели во изјава за емисијата „Во Центар“, професорот по меѓународно право Игор Јанев. Токму тоа беше и грчката стратегија пред 25 години – да исчезне македонскиот идентитет. Па сега од вештачката референца ПЈРМ, добиваме нова но трајна творба Република Северна Македонија, со согласност на македонската влада.

Професорот вели, се случува легализација на се што било дивоградба со Грција досега, со помош на власт која е донесена само колку да го спроведе таквото сценарио, а помогната од западни сили.  И покрај сценарија како да се влијае на народот експертите велат дека референдумот на 30-ти септември ја даде јасната слика дека народот не се согласува со промена на уставното име, а уште помалку со бришењето на македонскиот идентитет.

По неуспешното народно изјаснување, сепак собраниската процедура влегува во финална фаза, но притоа заобиколувајќи го Уставот неколкупати, кој всушност и се менува. По завршувањето на уставните измени, претседателот Иванов повторно мора да даде амин на целиот закон, но ако не даде зелено светло, мнозинството ќе поднесе импичмент, кој веќе е спремен, тврди Јанев.

Но она што дополнително загрижува е тоа што се во ваква ситуација се зголемуваат апетитите на албанскиот политички блок како ултиматум за успех на Преспанската спогодба, па повторно се оживува и идејата за консензуален претседател, анализираат познавачите.

Ивана Соколовиќ Најдова