Јаневски: На државата и треба претседател што ќе го чува Уставот

Тезите дека ингеренциите на претседателот се мали не може да се легитимни за да се бира шефот на државата во Собрание, смета уредникот и новинар Дарко Јаневски. Вечерва во „Отворено на Алфа“ Јаневски порача дека идниот претседател треба да е личност што ќе го чува, почитува и ќе постапува според Уставот, и според законите, а ингеренциите да биде врховен командант и прогласува вонредна или воена состојба се огромни овластувања.
-Оваа држава има Устав и закони, и и треба шеф на државата кој ќе се заложи на свој начин да не ни се случуваат пучеви во Собрание, да не се вадат луѓе од затвор за да гласаат. И Европа да не ракоплеска кога тоа се случува. Не може да се оди надвор од Уставот, до сега се правеше тоа, затоа на Македонија и треба шеф на државата кој ќе го чува Уставот, смета Јаневски.
Според него цензусот нема да биде проблем, а дури и да биде, невозможно е да се менува сега Устав само за да се одбере претседател во Собрание.
-Јасно е, ако овие избори пропаднат треба веднаш да се распишат нови избори. За да биде избран во Собрание, ќе треба да се смени Уставот, а за се смени им треба 80 пратеници. По сегашниот Устав мора веднаш да се распишат нови претседателски избори. Ако не успеат и тие, пак ќе се распишуваат. 720 илјади се потребни. Оној момент кога двете партии решија дека ќе излезат на избори мислам дека имаат своја математика, додава Јаневски.
За него нема ништо спорно во тоа дали зад кандидатот стои или не партија, оти сите сме свесни дека на претседателска трка не може да се излезе без поддршка од партија.