Јанева веќе не е симбол за враќање на правната држава?!

Десковска контра Заев. Не инсистираме Јанева да остане шефица на СЈО е пораката која ја упати министерката за правда, Рената Десковска коментирајќи дека изборот за прв човек нас специјалното јавно обвинителство не е во надлежност на извршната власт туку на советот за јавни обвинители.

Во досегашните разговори воопшто не била спомената Катица Јанева, не сме разговарале кој ќе биде нов специјален јавен обвинител. Не сме оптоварени дали ќе биде Катица, дали ќе биде Фатиме, дали ќе биде Ленче или ќе биде некој трет. Немаме ниту право да бираме, бидејќи според нашиот предлог специјалниот јавен обвинител го бира Советот на јавните обвинители. Ќе видиме кој ќе конкурира, и кого ќе изберат, вели министерката Дескоска.

Дали Јанева ќе биде пуштена низ вода, засега не се знае, иако таа тврдеше дека не можело да ја разрешат. Од СЈО денеска не сакаа да ја коментираат изјавата на Десковска.

И премиерот Зоран Заев во пишано интервју за МИА, тврдеше дека нема намера да ја смени Јанева од Специјалното јавно обвинителство и ја смета за симбол на вратената надеж во правната држава, додека наспроти неговата изјава Десковска вели дека не е важно кој ќе биде на тоа место.

Апсолутно не. Тоа е за мене институционално прашање, од причина што навистина Катица Јанева и нејзиниот тим на обвинители, истражители и сите што работат беа во едно многу тешко време трошката надеж на враќање на правната држава, која ете почна да се враќа во нашата земја. Јас сум убеден дека не смееме да испраќаме лоши пораки до оние кои опстоиле, пркоселе, верувајќи во државата, во системот, во уставот и законите, во тешко време. Треба да ги поддржиме нивните капацитети, истакна Заев во интервјуто.

Десковска истака и дека Не е исклучена можноста „бомбите“ да бидат уништени откако ќе заврши работата на СЈО по обвиненијата кои се веќе покренати. Според министерката за правда, можен е компромис со ВМРО-ДПМНЕ за „бомбите“. Таа посочува дека е искористено се што произлегува од нив.

Кога го спремавме текстот за новиот Закон за СЈО кој е пуштен во Собрание, информациите бе дека се што можело да биде извлечено од материјалите е извлечено и тие материјали се веќе обработени од СЈО. Врз основа на прислушуваните разговори, кои се индиции за собирање докази, во сегашниот текст направивме граница на користење на материјалите, каде што нема да се користат. Ако се собрани докази врз основа на прислушуваните разговори за многу случаи, ирелевантно е дали ќе ги користите или не. Така да тоа е ставено на маса, ќе видиме каков предлог ќе стаса од ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека тука не е страшно да се направи компромис, имајќи предвид дека информациите кои дојдоа до нас во текот на работната група се дека тоа нема да влијае значително, буквално на случаите, вели министерката.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак брифираат дека околу нелегално присулушуванитеразговори кои досега се користеа како доказен материјал нема да коментираат оти законитоста на доказите е уредена во законот за кривична постапка, а не во законот за обвинителство.

Член 12
Законитост на доказите
Забрането е да се изнудува од обвинетиот или од друго лице кое учествува во постапката признание или некаква друга изјава.
Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и
правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука.

Од опозицијата велат дека подготвуваат нов предлог закон кој ќе одлучува за судбината како на основното така и на специјалното јавно обвинителство, а законот ќе го креираат опфаќајќи го компаративното применливо европско право и препораките на европскиот суд за човекови права. Опозицијата останува на барањата специјалното обвинителство да биде инкорпорирано во обвинителството за организиран криминал и специјалната обвинителка Катица Јанева да одговара за отворање на случаи по завршување на нејзиниот мандат, а пак од власта бараат опозицијата да не бара скриена амнестија.

Власта и опозицијата најмногу спорат за членот 105 од Предлог законот што го регулира продолжувањето на постапките и судбината на доказите од прислушкуваните разговори.

Мери Ѓорѓиевска