Јанева апелира за поддршка иако законот за СЈО не бил идеален

Специјалната обвинителка Катица Јанева апелира пратениците во Собранието „да го препознаат моментот и да гласаат за донесување на новиот закон за јавно обвинителство“ бидејќи, како што посочи, „тој е важен предуслов за влез во ЕУ и НАТО“.

Смета дека законот е добар, иако, според неа, никогаш закон не може да биде идеален, но најважно е, рече, обвинителот да има доволно интегритет, авторитет и проактивност да го заживее во пракса. Тоа овој закон, според неа, го овозможува.

Обвинителката Јанева во синоќешното интервју на телевизија 1ТВ тврди дека не е точно оти со новиот закон се губат бомбите како докази.

„Тие се слушаат во судница за предметите за кои е потврдено обинението, значи до 1 јули 2017 година. Во однос на другите предмети за кои е воспоставена надлежност врз основа на бомбите мислам дека можеби нема да бидат слушани јавно за време на судењето, но транскрипти ќе бидат доставени, а на судот е да цени“, рече Јанева.

СЈО досега, како што рече, преслушало 96 отсто од бомбите, кои биле анализирани и селектирани во однос на тоа кои се приватни, а кои од јавен интерес.

„Оние што се од јавен интерес ќе помине можеби мал период до летово да ги селектираме и да отвориме предистраги на кои имаме право за некои покрупни случаи“, рече Јанева.

Претходно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја отфрли можноста да биде поддржана работата на овој состав на СЈО, бидејќи тимот на Јанева го изгубил и човечкиот и професионалниот кредибилитет.

„СЈО не ги оправда очекувањата на јавноста кои што безусловно им дадоа доверба пред речиси 4 години да ја водат оваа институција и навистина оваа институција да се претвори во еден орган кој што ќе биде заштитник на правото и правдината. Но, ние бевме сведоци на речиси полумафијашки методи на сокривање докази, опожарување на простории, поплавување на простории, а се со цел да се сокрие трагата и за нас оваа институција и овие луѓе претставуваат симбол на изневерени очекувања на граѓаните во Република Македонија и дел од онаа ментална матрица која што ја нарекуваме Заевизам. Така што, не ги оправдаа и практично не се поставија онака како ние очекувавме, а тоа е да бидат заштитници на правото и правдината“, кажа Мицкоски.

МИА/Алфа