Јанакиески претепан во Шутка и со повреди префрлен во болница – нападнат и Спиро Ристовски

Во Затворот во Шутка е претепан поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој од синоќа е на издржување на мерката притвор. И поранешниот министер Спиро Ристовски бил жртва во истиот напад.

Според информациите на Алфа од затворот, нападот се случил во дворот на истражниот затвор, а напаѓачот е еден од обвинетите во настаните во кумановското Диво насеље. Затворската полиција интервенирала, но најверојатно Јанакиески бил претепан по што е префрлен во градската болница Осми септември, тврди нашиот извор. Алфа ова информација се обиде да ја потврди од директорот на затворот Ѓоко Котевски, кој прво не одговори на повиците на мобилниот телефон, а потоа го исклучи. Првиот човек на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ, за Алфа потврди дека се случил физички напад, но детали не знаел и не упати да бараме одговори во судот.

Од Кривичниот суд потврдија дека биле известени за физички инцидент, а судија во текот на утрешниот ден ќе одел во затворот за да дознае што се случило.

Јанакиески и Ристовски од синоќа се во Истражниот затвор на издржување мерка притвор, бидејќи обвинителството ги сомничи како наводни организатори на случувањата од 27 април.