Јанакиески и Божиновски побараа укинување на мерката притвор

Поранешните високи владини функционери, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски од Апелација бараат укинување на мерката притвор која по барање на СЈО им ја определи судот на 14 ноември. Тие велат дека се прекршени голем број закони, како домашни така и меѓународни.

Двајцата велат дека решението за притвор е неосновано и незаконско и дека ќе докажеле дека белешката на УБК, според која тие преку посредник барале амнестија од претседателот на Република Македонија, како што беше соопштено и од кабинетот на Ѓорге Иванов е фиктивна.

Тие пред Апелација уште еднаш споменаа дека немаат намера да бегаат од државата. И двајцата велат дека се познаваат долги години со претседателот Иванов и дека би можеле сами да побараат средба со него, а не преку некакви посредници.

Одбраната се пожали дека мерките притвор се донесени без обвинетите да бидат сослушани. И поранешниот министер за транспорт и врски и поранешниот генерален секретар на Владата, тврдат дека мерките за претпазливост донесени во јули минатата година биле во целост почитувани и не е констатирано ниту едно прекршување.

Јанакиески напомена дека последната средба со претседателот ја имал на 13-ти овој месец, но дека не било зборувано за никаква амнестија, туку за Иницијатива која треба да се формира околу моменталната состојба во државата.

Тој вели дека нема никаква сметка во странство, како што тврдат од Обвинителството на Јанева и порача дека е спремен уште утре на спогодба за доживотен затвор со СЈО доколку се докаже дека таква постои.

Кирил Божиновски вели дека и покрај тоа што по медиумите порано од определените притвори биле истите најавени тој бил дома. Поранешниот генерален секретар побара укинување на оваа мерка бидејќи имал две мали дечиња и сопруга со нарушено здравје, поради што морал да биде дома.

Од одбраната велат дека судијата Огнен Ставрев кој беше еден од оние кои ја донесоа одлуката, морал сам да побара да биде изземен бидејќи е судија во процесот за кој е определен притворот, што според адвокатите на одбраната е противзаконски.

Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова е на ставот дека жалбите и на двајцата треба да бидат одбиени како неосновани, а одлуката на Кривичниот свет да биде потврдена целосно. Одлуката на Апелација ќе биде соопштена преку првостепениот суд.

Матеја Петровски