Јакимовски: Луѓето од 27-ми април бараат правда, а не амнестија

Понуда за амнестија или недоразбирање; Што порача Зоран Заев од собраниската говорницата? На оваа тема денеска дебатираа лидерот на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски и пратеникот од ПЦЕР Самка Ибраимовски, во Отворено на Алфа.

Според Јакимовски, изјавата на Заев јавноста ја протолкувала како најава за можна амнестија на учесниците во крвавото сценарио минатата година, во заемна за поддршка на уставните измени и пазар за обезбедување гласови за Преспанскиот договор. Тоа според Ибраимовски не било точно. Вели дека тоа е само помирување за организирианиот крвав упад во Собранието меѓу двете страни.

– За какво помилување станува збор? Ако зборуваме за злосторничко здружување, еве го на дело, тоа е дело на Заев. Тоа е само исконструирана ситуација и ништо повеќе, вели меѓу другото лидерот на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски во Отворено на Алфа.

Јакимовски праша дали за пеење химна на друга држава ќе има амнестија, на што Самка му одговори дека секој оној кој го прекршил Законот ќе одговара, па и за пеење туѓа химна на собраниска говорница. Ибраимовски рече дека ако има Закон, пратеникот кој пееше мора да се гони.

Лидерот на ГРОМ кој го осудува насилството пред Собрание, рече дека Заев не се залагаше за доброто на Македонците и државата, туку за да го протурка Договор со Бугарија, да ја спроведе Тиранската Платформа, како и да се реализира договорот со Грција, кој периодов се повеќе добивал на динамика.

Ибраимовски рече дека Договорот со Грција бил пријателски, и промената на името на државата било добро ако сакаме да влеземе во НАТО и ЕУ.

Јакимовски праша – Како ќе одиме во ЕУ кога Велика Британија излезе од унијата, како ќе има пари, кога земјите си одат. Рече дека Македонија ќе тргне напред кога ќе имаме време како она од Тито, со изградба на фабрики, со нови инвестиции, кога народот ќе се вработува, а не со бугарски пасоши да бега од Македонија.

Јакимовски рече дека ќе гласаат против Договорот со Грција, а што се однесува до помирување со власта – може сите заедно да седнат во кафеана и да испијат кафе и ништо повеќе. Ибраимовски пак, е убеден дека ако има избори, СДСМ ќе победи.

На прашањето – До кога ќе се убедуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени, Самка рече дека што побрзо се донесат измените било подобро за сите. Ако се изгласаат, вели, добро, ако не ќе се оди на избори како што беше најавено. После дискусијата се оди на гласање, и да се надминеме себе си, додава Ибраимовски.

Заев го водеше целиот процес погрешно, вели Јакимовски, зашто откако завршил референдумот, сите странски лидери исчезнаа – ги снема, зашто според него, тоа било циркус.

Јакимовски рече дека ќе се пазарат оние на кои не им е чиста со совеста, а сите останати сакаат правда.