Јавно жигосување неистомисленици или грешка на МВР: По десет часа распит ослободен приведениот за бомбите во училиштата
Помпезно приведен, претрес во домот во присуство на вооружени полицајци, одземени лаптоп и телефон, држен цели 10 часа во полициска станица, по што е ослободен без да се покрене било каква постапка против него. Јавноста бурно реагира на приведувањето на 23-годишниот активист Никола Николовски под сомнение дека има некаква врска со лажните дојави за бомби во училиштата. За дел од нив, МВР се излизгало и направило катастрофална грешка, за други пак ова е обид за замолчување на активистот и јавно жигосување на неистомисленици.
Се огласи и Николовски кој вели дека нема врска со случајот, затоа што ниту имал мотив, ниту причина да прави такви работи. Според него, власта се обидува јавно да го линчува заради неговите ставови и мислења.
- „Ова е цената на јавното искажување став во Македонија. Ниту имам мотив, ниту потреба да вознемирувам цели фамилии со „дојавите за бомба во средните училишта“. Очигледно некому му пречи мојата работа со профилот „Боемот“, моите сфаќања, ставови, бескомпромисност во борбата за подобро утре, независноста од политиката и слободната мисла.“ – Напиша Никола Николовски – „Боемот“ на социјалинте мрежи.
По приведувањето МВР помпезно се пофали дека има главен осомничен за лажните дојави, но, денеска срамежливо молчи и само соопштува техникалии од типот дека со лицето е извршен службен разговор и дека во координација со јавното обвинителство извршен е претрес во домот, одземени се предмети за вештачење и се превземаат мерки за расчистување на случајот.
Неофицијлано причина за приведувањето е што неговото име и презиме биле споменати во последниот заканувачки мејл, што за многумина е нелогично затоа што ретко кој би се потпишал на таков мејл.
Од граѓанска организација „Конзерватив мк“, каде што тој членува, ја осудуваат постпката на МВР и велат дека Николовски пред се е општествено одговорен граѓанин, вклучен во борбата против дезинформациите и лажните вести.
- „Ова е класичен напад врз слободата на говор, демократијата и начин како да се притиснат неистомислениците. Но, слободната мисла секогаш на крајот победува, па затоа ќе се погрижиме овој настан да биде целосно расветлен пред органите. Вистинските лица кои стојат позади овој нарачан напад мора да понесат целосна одговорност, како и да се осигураме дека во иднина нема да постои можност од повторување на слични настани.“ – Реагираат од Конзерватив мк.
За приведувањето се огласи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ која го осуди чинот и бараат МВР јавно да му се извини на младиот активист. Потпретседателот на партијата, Тимчо Муцунски обвинува дека Македонија го има целосно изгубено демократскиот компас оти со целиот случај се пушта уште еден загрижувачки сигнал, дека ако си млад, воспитан, едуциран, успешен и слободоумен, тогаш демнее и опасноста да бидеш урнат, поттиснат, навреден и замолчен.
- „Утре Никола може да биде секој еден од нас и затоа ова треба да биде уште една научена лекција упатена до оние кои владеат, да престанат да конструираат случаи кои не постојат и кои се спротивставени со здравата логика. Правдата колку и споро да доаѓа во нашата татковина таа секогаш излегува на виделина.“ – Напиша Муцунски на Фејсбук.
Инаку, Никола Николовски, на социјалните мрежи познат како „Боемот“ е редовен критичар на македонските општестевни појави. Силен противник на договорите со Грција и Бугарија, како и редовен активист и идеолог за современ македонски и европски конзервативизам.