Јавното здравство е „очајно“ за нови вработувања, министерот Меџити до сега нуди ветувања

Со крпење на дупки се одржува во живот државното здравство. Недостатокот на медицински кадар станува се посериозен проблем. А здравствените власти немаат абер за нови вработувања. Освен што министерот Меџити цели честири месеци го повторува истото – дека знаел за дефицитот на доктори и медицински сестри и дека вработувања ќе има. Досега од ветувањата – ништо.

“Дали ќе има вработување, да, ќе има, не можам да ви кажам дека утре ќе биде тоа, но ние ќе се потрудиме во најкус можен рок тоа се реализира“,рече министерот Меџити.

“Имаме секојдневни преговори со министерството за финансии, за согласности за нови вработувања во здравството. Во секоја здравствена институција има дефицит на кадар од секаков вид и ќе се направи се што е во рамките на можностите, за нови вработувања.” изјави министерот.

“Нови вработувања ќе има. Дефицит на кадар има низ цела држава, посебно средно медицински кадар и ние настојуваме во договор со МФ и со Фондот за здравство, ова веќе да почне да се имплементира и да се случи да има нови вработувања” истакна Меџити.

И денеска од кабинетот на Меџити не добивме одговор кога ќе се случат најавените вработувања во здравствените установи.

Дека недостига медицински кадар алармираат и самите доктори. А молат и  директорите на здравствените установи, кои бараат итни вработувања.

Според последните јавно достапни податоци, над деветстотини лекари си заминале од јавните здравствени установи во последните три години, од кои повеќето во странство. Во Агенцијата за вработување заклучно со почетокот на мај, 298 лекари се водат како невработени, а повеќето вработување чекаат најмалку една година, главно доктори по медицина или општи лекари.

Ања Лукарова

Advertisements