Јавноста ја чека вистината за скандалот на Онкологија, бара да знае чиј бел мантил бил извалкан
Разрешницата за скандалот на Онкологија тапка во место. Додека јавноста очекува конкретни резултати од истрагата на Обвинителството истражните органи повторно со штури информации.Се прибираат докази, се испрашуваат пациенти кои се пријавиле да помогнат, И се врши и распит на повеќемина вработени на Клиниката.
„Се извлекуваат податоците со истории за третманот на групи пациенти кои примале биолошка терапија на Клиниката, како и медицински истории на уште околу 40-тина пациенти за кои се врши директна проверка на податоците за лекувањето. Основното јавно обвинителство Скопје формираше тим од експерти кои вршат анализа на целокупното економско-финансиско работење на Клиниката, како и анализа на податоците од здравствените истории на пациентите“, соопштија од ОЈО-Скопје.
Откако излезе информацијтаа дека каналот за илегалната продажба на онколошката терапија води кон Косово и Албанија , обвинителството ќе бара податоци и од надлежните органи од овие држави за нивните пациенти кои се лекувале со одредени терапии во Македонија.
Инаку, министерот Меџити непосредно пред да се обелодени аферата на онкологија, испратил контрола од ДСЗИ. Но тогаш не биле евидентирани пропусти.
“Имавме индиции за евентуални злоупотреби на Клиниката за Онкологија, и затоа превземав мерки и побарав ДЗСИ да направат анализа како работела Клиниката во 2022 година но не беа откриени злоупотреби” вели министерот за здравсто Фатмир Меџити
Меџити вели дека сè уште не е одлучено дали во функција ќе биде вратен КАТО-системот, кој ја контролира употребата на лекови – цитостатици или ќе се оди на друг систем за оваа намена. Министерот повторно гарантира дека откако е тој на чело на ресорот здравство, на Клиниката за онкологија нема пропусти, и апелираше јавноста да не шпекулира со информации во врска со овој чувствителен случај бидејќи, како што рече, со тоа може да бидат загрозени животи на пациенти.