Јавноста револтирана, УЈП ќе гледа во сечија сметка

Граѓаните гневни поради најавите на УЈП дека ќе врши детален увид во банкарските сметки на луѓето кои досега беа банкарска тајна. По негативните реакции во јавноста, се огласи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која обвинува дека УЈП директно ќе се меша во приватноста на граѓаните. Според партијата, СДСМ на овој начин ја стимулирал сивата економија, а наместо прилив, ќе има одлив на капитал.

„Дали со удирањето по приватноста се сака да се добијат информации кои што подоцна ќе се искористат за политички малверзации и рекет врз одредени луѓе и фирми? Сите овие податоци кои до сега беа „банкарска тајна” ќе може да ги гледа било кој и да стигнат до било кого. Со ова укинување на приватноста на сметките на граѓаните, тие стануваат потенцијална мета на разни уцени, закани и останати криминогени дејанија на одредени структури, кои после овој закон многу лесно ќе може да стигнат до податоците за тоа кое семејство колку пари има и поседува. СДСМ и Министерството за финансии ќе ги принудат граѓаните на свој начин да си ја зачуваат приватноста на своите сметки и ќе стимулираат даночна евазија. Со овој закон ќе се стимулира сивата економија како во деведесеттите години и од држава на даночни обврзници ќе станеме држава во која во која царува сивата економија благодарение на СДСМ“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според премиерот Заев, УЈП ќе имала увид само за државата да си ги наплатела даноците. Наводно УЈП ќе немала увид во трошењето на парите, туку само во приливите. Вели дека кај оние што имале најголеми приходи, наплатата на даноците била најмала. Граѓаните се најмногу исплашени дека УЈП ќе почне да ги одданочува парите што нивните семејства им ги праќаат од странство. Овие средства не се малку – само лани изнесувале околу една и пол милијарда евра.

„Се даночи приходот како заработка. Она што како помош на семејствата или донација им стигнува од странство на сметките не се даночи. Ќе се даночи приходот што на сметките стигнува како заработка за завршена работа“ – рече премиерот Заев.

УЈП ќе може електронски да ги следи банкарските сметки откако Законот за банки ќе претрпи измени. И додека премиерот објаснува дека ова било пракса во многу земји, од македонската банкарска асоцијација велат дека со увидот се навлегува во приватноста на граѓаните, нема заштита на личните податоци и се губи банкарската тајна.

Тања Попова