Јавни претпријатија остануваат во мрак оти не можат да си ги платат сметките.

Поради неплатен долг  кочанското комунално претпријатие од четвртокот е без струја. Освен  во управната зграда, напојувањето е прекинато и во уште неколку работни единици. Станува збор за долг од околу 50 милиони денари, направен во изминатите три месеци. Градоначалникот уште еднаш упати апел до економскиот оператор, да покаже разбирање за ситуацијата.

“Се работи за огромни средства, за кои буџетот на ЈП “Водовод“не дозволува финансирање и плаќање на краток рок, бидејќи на месечно ниво претпријатието фактурира околу 12милиони денари, а само сметката за струја за месец август беше 18милиони денари. Каде се останатите трошоци за редовно оперативно работење, каде се платите за вработените“-изјави Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани.

Засега е неизвестно до кога делови од Водовод ќе бидат без струја. Пари за плаќање на трите заостанати сметки нема и во општинскиот буџет, објаснува Папазов. Според него потребно е системско решение, бидејќи вака претпријатијата ќе западнат во уште поголеми долгови.

“Општинскиот буџет е недоволен за да се финансиран вакви големи долгови направени за многу краток рок. Оппштинскиот буџет е 3,5милиони евра, а долгот 800.000 евра. Треба 30% од буџетот да бидат наменети само за сервисирање на долгот. Многу е важно што не е само сервисирање на долгот, треба и понатаму да се создадат услови за да не се акумулират толкави долгови“-изјави Љупчо Папазов.

Единствен спас за јавните претпријатиа кои поради високите сметки за струја тонат е да се вратат на регулиран пазар. Тоа не значи дека ќе се намалат сметките, туку ќе може да ги планираат предвреме. Според последните калкулации од месец јуни до сега цената на струјата е зголемена за осум пати.

Александра Ристевска

Advertisements

Поврзани вести