Јавен линч на Коевска, таа се извини

Обвинителството не гледа индиции за да отвори предмет за фрлањето знаме од македонската евровизиска претставничка, Андреа Коевска, додека позираше на тиркизниот тепих во Торино.

До овој момент нема индиции дека во настанот имало намера државното знаме да се изложи на подбив и исмејување, велат од Обвинителството.

Од Македонската Радио Телевизија прво ја осудија Коевска за потегот, па рекоа дека размислуваат за нејзино повлекување, но до сега немаат донесено никаква одлука или барем јавноста не знае.

Македонската евровизиска делегација не одговара на повиците од Алфа зошто никој немало околу Коевска да го прифати знамето, за да не мора да го фрла како што тврдеше, и дали некој конечно ќе понесе одговорност за сите скандали кои со години ги следат македонските претставници на евровизија.

Шефицата на делегацијата, Мери Попова за инцидентот за „Нова Македонија“ вели дека претставничката имала само 30 секунди за фотографирање и се се случило многу брзо.

Коевска пак се кае, вели погрешно била разбрана и се извини.

Во еден момент кога ме снимаше камерата побараа да го нема македонското знаме. Делегацијата беше навистина далеку од мене и јас одлучив во моментот да го фрлам знамето. Не беше од омраза, јас сум горда што доаѓам од тука и затоа ми е малце бесмислено зошто се случува ова. Навистина сум тука да ја претставам Македонија во најдобро светло .. рече Коевска.

Претпладнето стигна уште едно извинување од евровизиската претставничка, овој пат на социјалните мрежи.

Минатата година јавноста не остана рамнодушна на спотот на Васил Гарванлиев каде се боите на знамето на соседна Бугарија. Во една прилика Гарванлиев изјави дека има бугарски пасош се чуствува како Бугарин. Иако реакциите беа огромни, Гарванлиев замина како претставник на Македонија на Евровизија по одлука на МРТ.

Викторија Миткова