Ѓубрето се чисти на битолската обиколница, се крои финална гетоизација

По долги натегања околу надлежноста кој треба да го исчисти огромниот смет на обиколницата над Битола на магистралниот пат А-3, каде што живее ромско население на маргините од животот и одамна го има допрено дното, дали Општината или ЈП за државни патишта, поради жестоките критики на социјалните мрежи од граѓански активисти и екологисти, сепак, попушти Општината.

Денеска, со механизација на општинските јавни претпријатија, онака инкогнито и без најава, ја започнаа акцијата, зашто претходно тука се случуваа пожари и барикади, правејќи го патот опасен за сообраќај, но и опасно место за живеење. Од ЈП “Комуналец“ се правдаат дека теренот е непристапен за поставување на контејнери.

Сакајќи да помогнеме на градот за подобра и почиста средина, еве по кој знае кој пат, веќе 120- 130 кубици се одсега подигнати, а пак делува како да не е многу исчистено. Ние имаме обврска до местото до местото каде е приспано за каминот да помини, можеме да поставиме контејнери, меѓутоа тие не сакаат ниту да плаќаат ниту за ѓубре, ниту се заинтересирани да си одржуваат – рече Панде Богоевски, директор на ЈП “Комуналец“ од Битола.
Но, што вели тукашното население.

Ова не е убо овдека, моментално треба да има канти, хигиена да има овде. Оваа смрдотија кај мене оди, срамота е- рече Севги Јашаровска.- Нема контејнери , нема чешми, немаме ниту вода, ниту канал ниту ништо. Бараме да ни пуштат канал, ама не ги интересира ништо- рече Рефик Џаферовски.

И додека постојано се води дебата како да се реши проблемот со најголемата депонија на смет во Битола во Картон маало, како што ја викаат оваа гетоизирана ромска населба, експонентите на власта со трамповска логика од позиција на сила, веќе водат постапка за изградба на ѕидови со звучна изолација, што ќе рече, физичка изолација на жителите од магистралниот пат.

Првиот тендер на Државни патишта им пропадна, допрва ќе се распишува вториот, но штом тоа ќе се случи, ќе значи финална гетоизација на најсиромашните битолски Роми.