Ѓорѓе Иванов предупредува за груба манипулација од страна на МВР и УБК

Шефот на државата Ѓорге Иванов предупредува од груба манипулација од страна на УБК, откако во медиумите беа објавени извадоци од решението на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 за прифаќањето на предлогот на СЈО, Миле Јанакиески да биде притворен. Поточно судијата на претходна постапка донел таква одлука откако претходно Јанакиески наводно преку посредник не успеал да издејствува амнестија од претседателот, па за Судот тоа било причина да го стават во Шутка.

Од кабинетот на Иванов предупредуваат дека станува збор за конструкција на лаги врз основа на претпоставки со цел да се инволвира Претседателот на Република Македонија, видливо од јавно објавеното образложение на решението на Судот. Посочувајќи дека ниту била побарана ниту пак остварена средба со каков било посредник за да издејствува амнестија во име на Јанакиески.

Во дописот до јавноста се вели:

– Сето ова претставува груба полициска манипулација и инволвирање на полициски службеници со што се извршени кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување на исправа, употреба на исправа со невистинита содржина. Останува нејасно, врз основа на што се следат активностите на претседателот Иванов и неговиот Кабинет од страна на УБК? – прашуваат од Кабинетот на Иванов.

Оттаму велат дека бараат одговор од МВР односно од првиот човек на УБК.

– Очигледно е дека продолжува практиката на конструкции и генерирање на кризи во македонското општество од неодговорно однесување на припадници на УБК, нешто што Претседателот Иванов го потенцираше во годишното обраќање до пратениците во 2017 година – се вели во соопштението.

Екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, заедно со поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски беа експресно притворени по неполни 24 часа, откако, поранешниот премиер Никола Груевски информираше дека ја напуштил државата и се наоѓа во Будимпешта.

Јанакиески и Божиноски беа однесени во Шутка и покрај мерките за претпазливост кои им беа одредени од судот, а по барање на СЈО. За нивното апсење не беа информирани ниту судии кои им судат, ниту нивните адвокати.

Борис Грујоски