Ѓорчев за Алфа: Уставните измени нема како да поминат, желбата на власта е да се дискутира за се освен за понижувањата на Македонија и предвремени избори

Тоа што собранискиот Талат Џафери најави дека немало да ги стави уставните измени на гласање додека нема двотретинско мнозинство е јасна порака дека власта нема и нема ниту да има 80 пратеници, вели за Алфа поранешниот пратеник Владимир Ѓорчев. Покрај тоа, според него тука власта со сите сили се обидува да ја избегне темата за предвремено изборно соочување
–Оваа порака на Талат Џафери е апсолутно купување на време, зошто? Затоа што ги немаат бројките, немаат две третини, затоа што целата оваа операција ја тераат веќе 14 месеци, од јуни минатата година до сега. Секогаш велат нели ќе најдат некој, ќе има, па се преговара со овие пратеници, со оние, а волку толку, но бројките едноставно ги нема, ги нема зошто нема поддршка од граѓаните на Македонија, зошто нема поддршка од јавноста и зошто ова што тие го предлагаат не е никаква гаранција дека Македонија и понатаму нема да биде блокирана и уценувана. Така што власта оди со еден политички маневар и кој што јасно е тоа дека ниту е втемелен во деловникот на Собранието, ниту во Уставот, а политички ги нема бројките во законодавниот дом, вели Ѓорчев.
Внесувањето на уставните измени во Собранието, според Ѓорчев е можеби и обид на власта да го тргне на страна барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори.
–Ова е една од желбите на власта, да се занимава со се, освен со она што е најважно за граѓаните, тоа е корпусот на државни прашања каде што Македонија е понижена, корпусот на економски катастрофи, кои што ги гледаме на дневна основа. Власта сака да се дискутира за други работи, а не за предвремени избори, кои што ќе значат нејзин сигурен пад. Значи јасно е дека ова е неодржливо, јасно е дека власта ќе губи, јасно е дека Владата нема легитимитет, но тие одат по она купи ден продај. За нив секој изминат ден е можност да се краде, во оваа држава безобразно и секојдневно се краде. За нив секој ден поминат на власт е можност за дополнителни привилегии, можност за нови тендери, нови комбинации, нови трансакции и сето останато. Но, крајот доаѓа, убеден сум сигурен сум дека ВМРО- ДПМНЕ ќе ја состави новата Влада, а после тоа ќе треба да почне санација на овие ужасни штети кои што и се случуваа на Македонија, вели Ѓорчев.
Според Ѓорчев власта треба да ги стави уставните измени на гласање, за да се види дека го немаат потребното двотретинско мнозинство.
–Имаме една Влада која што многу не се осврнува ниту на деловник, ниту на закон, ниту на Устав и се е купи ден помини. Но, она што е важно е дека ги немаат бројките, тоа што е важно е дека пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ и пошироката коалиција е апсолутно монолитна и власта едноставно не може да лови во матно. А што е тоа што политички ќе го диктираат Таче Ковачевски, Стево Пендаровски, Али Ахмети, Артан Груби и целата таа нивна дружина помалку е важно, важно е дека Македонија покажува желба да живее, Македонија покажува желба да покаже отпор на овие катастрофални политики на власта и како многу пати до сега, да ситуацијата е тешка, но Македонија ќе победи, порача Ѓорчев.
Со Владимир Ѓорчев разговараше Матеја Петровски