Ѓеоргиев: Лага е дека историската комисија договорила Цар Самоил да биде бугарски Цар

Македонија не се откажала од Цар Самоил и не се согласила тој да биде прогласен за Бугарин. Ко-претседавачот на историската комисија, академик Драги Георгиев тврди дека тоа што било објавено во јавноста во врска со договорот за Самоил е неточно, односно лага.

– „Она што беше објавено во однос на работата на комисијата е апсолутно неточно, во однос на содржината на текстовите кои се усвоени за заедничко чествување, не знам од каде се измислени тие конструкции таму, меѓутоа, апсолутно не е точно она што е наведено во некои медиуми со она што е усвоено од страна на заедничката комисија за Цар Самоил.“ – Изјави Академик Драги Ѓеоргиев – Директор на институтот за национална историја.

Ѓеоргиев исто така демантира дека комисиите постигнале договор да се ставаат или менуваат натписите на спомениците, спомен обележја и тврдини, алудирајќи на информациите дека има договор да се стави посебна табла на Самоиловата тврдина во Охрид.

– „Комисијата никогаш не усогласувала текстови за тие да бидат ставени на различни споменици, спомен обележја или тврдини“ – Истакна Ѓеоргиев.

Реакцијата на Ѓеоргиев следи откако во медиумите беше објавен фамозниот француски предлог во кои стои дека историјата ќе биде услов за преговарачкиот процес, а Скопје се обврзало да ја почитува веќе усвоената формулација од заедничката историска комисија во врска со Цар Самоил како бугарски Крал, што подразбира менување на натписите на спомениците и лекциите во учебниците. Ќе следи период од две години во кој комисијата ќе треба да донесе заклучоци и за останатите историски личности.

Според него, постои само еден договор за Самоил и тој е од 2019 година и тој нема врска со тоа што е објавено. Ѓеоргиев предупредува дека историската комисија не може да биде дел од политичките преговори, како што тоа го предвидува францускиот предлог.

– „Во овој предлог работата на комисијата е поставена на многу, многу високо ниво, поставена е таму каде што не и е местото и сметам дека ќе ја оневозможи работата на комисијата.“ – Додаде Ѓеоргиев

Засега, останува нејасно дали државниот врв ќе ги послуша предупредувањата на научната јавност и ќе го одбие предлогот на Макрон.

Никола Цветкоски

Поврзани вести