Ѓаволот се крие во деталите: Владата прифатила се што бараше Бугарија, сите бугарски услови станаа европски услови

Бугарија можеби веќе нема да има нови барања и условувања кон Македонија, бидејќи со потписите на Бујар Османи и Теодора Генчовска пред една година, барања станаа дел од преговарачката рамка и услов за Македонија да напредува кон ЕУ.  

Суштината е во протоколите, каде на некој начин се скриени сите максималистички барања на Софија. Впрочем и токму во протоколот потпишан лани јасно стои дека државава треба го промени Уставот за да ја добие втората меѓувладина конференција, која што ќе значи и реален старт на преговорите. Но јасно стојат и други обврски кои државава веќе ги прифатила и ќе мора да ги исполни ако сака напредок во преговорите.

Една од работите кои ќе мора да ги исполниме се менувањето на историјата. Македонија има рок до почетокот на следната учебна година да ги промени учебници според она што веќе го договорила историската комисија, а тоа јасно стои напишано во протоколот потпишан од Османи и Генчовска.

-Двете држави, не покасно од 2024-2025 година, да ги усоглосат, каде што е неопходно, сите учебници по историја во учебната програма, така што тие ќе ги одразуваат, до тој момент, постигнатите резултати од работата на Комисијата, се вели во третата точка од Протоколот за состанокот одржан на 17-ти јуни 2022-ра.

Нашата Влада има и рок од една година, кој веќе според датумите е истечен да отвори архивите за рехабилитација на жртвите од комунистичкиот режим.

-Владата на Македонија во рок од една година да ја создаде неопходната сеопфатна правна рамка, за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на државна безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилно и воено разузнавање и контрарузнавање во периодот од 1945-та до 1991-ва, се вели во третата точка од Протоколот за состанокот одржан на 17-ти јуни 2022-ра.

Ќе мораме да работиме и на она што Бугарија го смета за говор на омраза кон нив, како што е напишано во целиот јавен простор во Македонија.

-Двете држави преку дипломатските канали меѓу министерствата за надворешни работи да продолжат да разменуваат информации во врска со говорот на омраза… и во јавниот простор на територијата на другата држава, и да информираат во разумен рок за преземените активности од соодветната држава за неодложно отстранување на идентификуваните случаи на говор на омраза, се вели во третата точка од Протоколот за состанокот одржан на 17-ти јуни 2022-ра..

Согласно протоколот односно препораките на историската комисија, нашите историчари договорија дека неколку историчари се заеднички и за нив ќе имаме заедничко чествување, еден од нив е и Свети Наум, како и Свети Климент, Свети Кирил и Методиј и Цар Самоил.

-Просветителското дело и придонесот на Св. Наум за развојот на писменоста и културата на Република Северна Македонија и на Република Бугарија, им даваат основа на двете земји да го негуваат споменот за неговото дело, преку заедничко одбележување при соодветни годишнини и јубилеи, се вели во препораките од историчарите.

Според поранешниот амбасадор Јован Донев јасно е дека сите барања на Бугарија ќе ни стојат на европскиот пат, бидејќи со се што сме потпишале како држава, сами сме прифатиле тоа да станат европски услови, преку кои Бугарија сепак би можела да побара блокирање за Македонија, со оправдување дека не исполнила точки кои се дел од преговарачкиот процес.

-Таа преговарачка рамка е за наш влез во Европската Унија, вклучувајќи ги и протоколите мора да го исполниме. Мораме да извршиме рехабилитација како што они велат на жртвите на комунизмот, мораме да отвораме досиеја како што тие велат, да ја смениме историјата итн. Мислам нема основа да човек се сомнева во нешто друго, потпишани се двете Влади, македонската Влада и бугарската Влада ставиле потпис за тоа, се вели во третата точка од Протоколот за состанокот одржан на 17-ти јуни 2022-ра.

Првиот вицепремиер Бојан Маричиќ кажа дека во преговорите со Бугарија добиле гаранција дека нема да имаат нови неразумни барања, а оние кои што веќе ги имаат се запишани во преговарачката рамка со ЕУ.

Матеја Петровски

Advertisements