Шумите горат, надлежните се правдаат – авионите дотраени, фалат пилоти и пожарникари

Пожарникари, авиони, пилоти. Нема што не ни фали за гаснење на пламените јазици кои ги голтаат шумите низ земјава. Во моментов има 700 пожарникари, 200 од нив се во противпожарната единица во Скопје, а само во главната метропола недостасуваат уште толку за да се пополнат капацитетите.

Ова отвора сомнеж дека на ниво на држава потребни се уште најмалку 500 пожарникари. Уште полоша е состојбата со бројот на пилоти во Дирекцијата за заштита и спасување што управуваат со двата авиони и од воздух гаснат огнени стихии, особено кога теренот до настанатиот пожар е непристапен.

Во моментов Дирекцијата располага со шестмина пилоти, а во случај кога треба да се гасне пожар, обучени да танкираат и фрлаат вода се само двајца, еден од пилотите смее да лета, но не и да гаси пожари, оти се уште не знае. Останатите не смеат да ги управуваат авионите. Од Дирекцијата за заштита и спасување се правдаат дека прават напори целосно да се обучат четворицата пилоти.

Нејасно е како овие идни пилоти ќе ја добијат неоходната подготовка, оти Центарот за обука, институција која што едуцираше, пред сè, пилоти на хеликоптери, оспособени да извршуваат сложени воени мисии, е затворен. Постои опција тие да се пратат во Шпанија, но обуката е скапа.

Во меѓувреме, пожарите не стивнуваат. Дел од нив се локализирани, но во скопско, штипско, охридско, гостиварско и тетовско, а покритичен е пожарот во крушевско.
Пожарите најчесто се предивникани од човечки фактор.

Од МВР велат дека досега има поднесено 8 кривични пријави за подметнување пожар. Поради пожарите на граѓаните им се забранува движење низ шумите, освен во паркот во Гази баба и на Водно. Казните за прекршокот на забраната и прекршување на законите се движат од 1500 до 2000 евра.

Сања Трајковска Ставров